ХЕР2 статус-важен за избор на најадекватен третман на ракот на дојката Печати

Денес ракот на дојката се смета за болест во чија основа се биолошки причинители. Затоа и многу внимание се посветува на одредување на т.н. биолошки параметри на туморот: статусот на хормонските рецептори (ЕР, ПР) и ХЕР2 статусот (HER2 - Human Epidermal growth factor Receptor 2).

Приближно 20-30% од пациентите со карцином на дојка имаат ХЕР2 позитивна болест. Прекумерната експресија на ХЕР2 рано настанува и се одржува во текот на болеста. ХЕР2 позитивниот статус значи лоша прогноза и поагресивен карцином на дојка. Скоро 25% од естроген рецептор позитивните тумори се и ХЕР2 позитивни.

ХЕР2 статусот е важен за прогностички и тераписки фактор. Тој помага во изборот на најадекватниот третман, кај секоја пациентка одделно.

1 од 4 жени со карцином на дојка се дијагностицираат со ХЕР2-позитивен карцином: состојба во која ХЕР2 генот прекумерно се продуцира, предизвикувајќи неконтролиран туморски раст.

ХЕР2-позитивните карциноми се многу поагресивни отколку ХЕР2-негативните карциноми.

Идентификацијата на пациентите со ХЕР2-позитивна болест е есенцијална за адекватно лекување на пациентите со ран и метастатски карцином на дојка.

Transtuzumab во третман на ХЕР2 рак на дојка

Три студии покажуваат дека Transtuzumab, кој се користи во лекувањето на агресивните форми на рак на дојката, откога ќе се болеста прошири, може да се користи и порано.

Резултатите од истражувањата за терапијата со Transtuzumab, биле објавени во списанието „NEW ENGLAND JOURNAL OF MEDICINE». Тие покажуваат дека овој лек, во поедини случаи, може да ја намали веројатноста за повторна појава на ракот, за околу 50%.

Лекот е наменет за оној вид на рак на дојка познат како ХЕР2 или ХЕР-позитивен. Жените кои имаат премногу ХЕР2 протеини имаат поагресивен рак на дојката, кој брзо се развива и шири. Истражувачите навеле дека околу 15-25% од жените со рак на дојка го имаат токму овој вид на малигно заболување.

Повеќе од 8 000 жени во Европа и Северна Америка биле вклучени во ова истражување и сите тие пациентки биле со ХЕР2 рак на дојка во негова почетна фаза.

Европската студија ги следела пациентките повеќе од 2 години. Истражувачите истакнуваат дека ракот повторно се јавил кај 23% од пациентките кои не примале Transtuzumab, додека кај пациентките кои примале Transtuzumab, тој процент бил 14%.

Други две студии ги следеле жените кои биле третирани оперативно, со хемотерапија и во поедини случаи со Transtuzumab. Кај 33% пациентки кои не примале Transtuzumab, ракот повторно се јавил во рок од 4 години, но тоа се случило само кај 15% во групата на пациентки кои биле лекувани со Transtuzumab.

Transtuzumab е антитело кое се врзува за ХЕР2 гените во канцерското ткиво. Врзувајќи се за ХЕР2 гените, Transtuzumab го успорува или прекинува натамошниот раст на ракот. Третманот трае една година и чини 48 000 долари. Студиите, исто така, покажале дека постои можен ризик врзан за срцето. Околу 4% од пациентките кои земале Transtuzumab заедно со другите лекови за рак на дојката, пателе од сериозни срцеви проблеми. Процентуално тоа претставувало само половина процент кога пациентките го користеле Transtuzumab во текот на една година, а потоа го продолжиле третманот со други лекови.

Истражувачите не се сигурни зошто се јавуваат овие проблеми со срцето. Тие наведуваат дека е поребно подолготрајно испитување, како би се одговорило на ова, но и на другите прашања врзани за лекот.

Треба да се знае

Ракот на дојка е едно од најчестите заболувања кај жените, и во просек се јавува кај една од девет жени. Раното откривање на ракот на дојката овозможува заболувањето да се излечи во 95% од случаите.
Редовните лекарски контроли се најефикасни за раното откривање и дијагностицирање на болеста, со што се зголемува и можноста за целосно излекување на ракот на дојка.