Ширење на ракот на дојката Печати

Ракот на дојката е системско заболување, дисеминиран процес, кој, уште од најраните фази на својот развој, е склон кон метастазирање.

Околу 50% од болните со рак на дојката развиваат метастази во текот на првите две години, што значи дека во моментот на дијагностицирање и терапија биле во субклиничка дисеминација на болеста, но постои и феномен на доцно рецидивирање и метастазирање и по 5 и повеќе години од радикалниот третман ( хируршки и зрачен).

Инциденцата на метастазите, односно прогнозата на болеста, зависи пд повеќе фактори, како што се:

  • големината на примарниот тумор,
  • патохистологијата и градусот на туморот,
  • зафатеноста на аксиларните и интрамамарните лимфни јазли,
  • хормонските рецептори (естрогени и прогестеронски) и друго.

Ширењето на ракот на дојката може да биде:

  • локално,
  • регионално,
  • далечно.

Локално ширење на ракот на дојката

Локалното ширење на ракот на дојката се одвива со:

  • директна инфилтрација во ткивото (паренхимот) на дојката,
    • Директната инфилтрација се одвива во вид на разгранета мрежа, која има карактеристичен sвездест изглед. Со тек на време доаѓа и до директно зафаќање на кожата над малигниот процес и/или зафаќање на длабоката градна (пекторална) фасција. Така доаѓа до фиксација на малигната промена за мускулите и sидот на градниот кош.
  • вдолж каналчињата на дојката (мамарни каналчиња),
    • Ширењето вдолж мамарните каналчиња често е запазено и може да опфати голем дел на дојката.
  • преку лимфатиците на дојката.
    • Ширењето може да настане и преку богатата мрежа на лимфни садови во дојката. Нагласено е лимфатично ширење вертикално надолу, до лимфната мрежа на пекторалната фасција под дојката, како и ширење до централното подрачје околу брадавката.

Овие мултипни механизми на ширење низ дојката ја истакнуваат можноста за присуство на рак во дојката и надвор од палпабилниот примарен тумор т.н. мултицентричност на туморот на дојката.

Регионално ширење на ракот на дојката

Лимфната дренажа на дојката е во:

  • аксиларните (пазувните) лимфни јазли,
  • лимфните јазли вдолж внтарешната мамарна артерија и
  • во лимфните јазли над клучната коска (супраклавикуларни лимфни јазли).

Аксиларните лимфни јазли се најголемото и главно регионално дренажно место на ракот на дојката, а нивната хистопатолошка анализа го одредува и стадиумот на болеста, терапијата и прогнозата.

Околу 50% од болните со рак на дојка имаат хистолошки евидентирани метастази, што е во директна врска со големината и локализацијата на туморот.

За тумори помали од 2 см, веројатноста да се зафатени аксиларните лимфни јазли е 24%, додека за тумори од 5-8 см, веројатноста се зголемува на 57%.

Интрамамарните лимфни јазли се второто дренажно место кај ракот на дојката. Овие лимфни јазли се многу мали (2-5мм во пречник) и се поставени вдолж интрамамарните крвни садови. Локализирани се во длабочина од 3 см, како и 3 см латерално од средната градна линија.

Интрамамарните лимфни жлезди се зафатени со метастаџи после зафаќање на аксиларните лимфни јазли.

Кај тумрои помали од 5см, тие се зафатени во 19%, а кај тумори поголеми од 5 см, тие се зафатени во 37%.

Veronesi нагласува дека: возраста на пациентките, големината на примарниот тумор и зафатеноста на аксиларните лимфни јазли, влијаат независно (самостојно) врз зафатеноста на интрамамарните лимфни јазли.

Метастазите во супраклавикуларните лимфни јазли укажуваат на лоша прогноза. Ширењето во супраклавикуларните лимфни јазли настанува откога ќе се пробие првата лимфна бариера, односно откога ќе се претходно зафатат аксираните лимфни јазли, од каде метастазите се шират и на супраклавикуларните лимфни јазли.

Далечно ширење на ракот на дојката

Метастазите претставуваат неопластична творба што настанува од туморот, со кој веќе не е во врска, т.е. малигните клетки го напуштаат примарниот тумор и по крвен и лимфен пат се дисеминираат во сите оддалечени ткива и органи во телото.

Процесите што настануваат во текот на прогресивниот раст на туморот и кои, конечно, доведуваат до создавање на далечни метастази, може да се објаснат со метастатска каскада. Трансформацијата на малигните клетки претставува ( уницелуларна или мултицелуларна) ангиогенеза, која овозможува раст на примарниот тумор и одвојување на одделни малигни клетки од масата на туморот.

Локалната инвазија на туморските клетки што лачат ензими (колагеназа, еластаза, плазминоген активатор), го разорува околното ткиво и овозможува малигните клетки да продрат во циркулацијата или во ткивата.

Доаѓа до пенетрација на одделни малигни клетки во крните капилари и преку нив и крвта се расејуваат низ телото.

Кога ќе се најдат во крвотокот, малигните клетки може да патуваат сами или во групи. Тие може да бидат прилепени за леукоцитите, еритроцитите, тромбоцитите и другите супстанции во крвта. Присуството на малигните клетки во крвта сé уште не значи дека ќе дојде до нивно запирање и формирање на метастаза. Само некои клетки од примарниот тумор преживуваат во циркулацијата, бидејќи најголем дел од нив е уништен механички од ударот на крвната струја, од макрофагите, лимфоцитите и имунокомпетентните клетки (клетки на одбрамбениот систем на телото).

Според голем број автори, далечни метастази се јавуваат најчесто во коските (71%), белите дробови (69%), белодробната обвивка (51%), црниот дроб (65%), во мозокот (22%) итн.