Причини и ризик фактори за рак на дојка (Breast Cancer, Carcinoma mammae) Печати

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на дојката (Breast Cancer, Carcinoma mammae), причините за неговото јавување не се познати.

Сеуште не може да се објасни зошто некои жени заболуваат, а други не.

Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои жени.

Врз база на проспективни и ретроспективни епидемиолошки студии, кои укажуваат на низа биолошки, репродуктивни и социоекономски фактори, кои се поврзани со зголемен ризик за појава на рак во дојката, тие може да се поделат во три групи:

  • ендокрини фактори,
  • генетски фактори,
  • фактори на околината.

Ендокрини фактори на ризик:

  • Рана менарха (прва менструација). Жените со менарха пред 12 годишна возраст имаат, речиси, двапати повисока инциденца на рак на дојката, отколку жени со менарха по 13 годишна возраст.
  • Артефициелна менопауза (хируршка или радијациска кастрација) пред 35 годишна возраст, го намалува ризикот за рак на дојката за една третина, во однос на жените со природна менопауза.
  • Репродуктивната историја е најчесто поврзана со времето на првата бременост. Сигнификантно се зголемува ризикот, со зголемување на возраста на првиот пород. Жени кои имале прв пород по 35 годишна возраст, имаат 40% поголем ризик да заболат од рак на дојка, во споредба со оние жени, чиј што прв пород бил пред 20 годишна возраст.
  • Жени кои никогаш не родиле, имаат 30% поголем ризик за рак на дојката, во споредба со жени кои имале една или повеќе бремености.
  • Ризикот се намалува со зголемување на бројот на родени деца.
  • Абортусите ( спонтани или намерни) пред првата бременост го зголемуваат ризикот за настанување на ракот на дојката.

Генетски фактори


– се поврзани со фамилијарна историја и историја за бенигни болести во дојката.

Фамилијарна историја

Жените со позитивна фамилијарна анамнеза, односно, кај кои некој од женските членови од семејството боледува од карцином во дојката, имаат поголем ризик за појава на карцином. Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од прв степен (мајка, сестра) и тие имаат 1.7-2.5 пати поголем ризик, а за сродници од втор степен, факторот на ризик е 1.5.

Во многу студии се изнесени резултатите во однос на бројот на заболени во фамилијата, кои имале унилатерален и билатерален рак на дојката и се дошло до проценка дека веројатноста жена од 30 годишна возраст, до својата 70-та година, да добие рак на дојката е 28%, доколку има две сестри со рак на дојка, од кои едната со билатерален, а веројатноста е 25%, ако мајка и сестра имат рак на дојка, од кои едната е билатерална.

Историја за бенигни промени во дојката

Историја за бенигни промени во дојката (фиброцистична болест) е поврзана со зголемен ризик за рак на дојка. Жените кои имаат изторија за бенигни промени во дојката имаат околу четири пати поголем ризик да заболат од рак на дојка, отколку жените без ваква историја. Ризикот се зголемува при бенигни промени на дојката, кај кои постои атипична хеперплазија, или атипична хиперплазија со истовремено и позитивна фамилијарна историја за рак на дојка.

Ризикот за рак на дојка е поголем и кај болни кои веќе имале друг рак, како: рак на јајчниците, на дебелото црево и други.

Фактори од околината

Parkin (1989) наведува дека факторите на околината се повеќе важни од генетската предиспозиција меѓу популацијата на мигранти. Јапонските жени имаат мала инциденца на рак на дојка, но со нивно мигрирање во САД, каде што инциденцата и морталитетот се големи, во првата генерација мигранти инциденцијата и морталитетот остануваат ниски, но веќе во втората и третата генерација (оние кои се родени во САД) инциденцата се нагло зголемува.

Зголемен ризик за појава на рак на дојка е поврзан и со изложувањето на ралативно голема доза на јонизирачко зрачење, кое е забележано кај преживеаните од атомските бомби ви Нагасаки и Хирошима, кај жени кои се лекувани со радиотерапија при Morbus Hodgkin. Ризикот се зголемува по латентен период од 10 до 15 години.

Долготрајба употреба на естрогени, поради симптоми во менопаузата, го зголемуваат ризикот од рак на дојка. Исто така, забележена е појава на рак на дојка кај мажи во текот на терапијата со естрогени хормони, поради рак на простата.

Други фактори на ризик, покрај спомнативе, се:

  • Користење на орални контрацептивни средства,
  • Консумирање на храна богата со животински масти, алкохол, кафе, пушење.
Заклучок

Како заклучок може да се каже дека зголемен ризик за настанување на рак на дојка има кај жени со:

  • рана менарха,
  • доцна менопауза,
  • прв пород во доцни години од животот (староротки)-по 35 годишна возраст,
  • мал број породи,
  • жени кои не доеле или доеле кратко време,
  • жени кои не раѓале (неротки),
  • бенигни промени во дојката
  • позитивна фамилијарна историја (мајка, баба, сестра, тетка по мајка.)