Што е палијативна аналгетска радиотерапија? Печати

Палијативната зрачна терапија се покажала како мошне ефикасна во третманот на болката предизвикана од коскени метастази кај пациентите со карцином. Одговор се постигнува кај приближно 70-80% од болните. Аналгезија може да се постигне и тогаш кога радиотерапијата се применува во состојби како што се компресија на коскениот мозок и туморски улцерации со крварење. Режимите на палијативната радиотерапија најчесто се концентрирани и интензивни односно се остваруваат високи дневни дози за краток временски период (4 x500cGy, 5x400cGy, 10x300cGy).

Палијативната радиотерапија нема за цел излекување на пациентот, туку само ублажување на постоечките симптоми на болеста и подобрување на квалитетот на животот на пациентот.

Нејзината примена сепак е од голема вредност. Со неа се купираат знаците и симптомите кои произлегуваат од примарниот тумор и далечните метастази.

Таа најчесто се применува со цел да ги отстрани симптомите кои се јавуваат како резултат на локалното ширење на туморот, а тоа се: крварење и постоење на јаки болки во пределот на туморот.

Палијативната радиотерапија се користи и кај пациенти со симптоми од метастатското ширење на болеста. Коскени метастази пропратени со интензивна коскена болка најчесто се јавуваат при карцином на дојка и на простата.. Палијативната радиотерапија доведува до значително намалување на болката во регијата која се озрачува и до спречување на патолошко кршење на зафатената коска.

Палијативната радиотерапија ургентно се користи кај пациети со компресија на коскениот мозок, со што се намалува туморот, а со тоа и компресијата и симптомите од неа. Со нејзина примена значително се подобрува квалитетот на живот на пациентот.

Палијативната радиотерапија се спроведува со надворешно зрачење.