Симптоми и знаци Печати

Најчест симптом на карциномот на пенисот е појава на безболна раничка на главата на пенисот која не зараснува, крвари и која постепено се шири како по површината, така и во длабичина. Раничката е во почетокот безболна. Често пациентите ги занемаруваат овие промени и самите се обидуваат да ги излечат со разни креми и лосиони. На тој начин се одложува и правата дијагноза на болеста.

Карциномот обично го зафаќа глансот и препуциумот, а многу ретко се јавува на телото на пенисот. Најчесто се јавува како безболна лезија која постепено се шири и ги зафаќа подлабоките слоеви, а може да ги зафати и лимфните јазли и крвните садови. Лезиите можат да имаат различен изглед и да бидат во вид на папули, пустули (меурчиња), големи израстоци или длабоки улцерации. Карциномите поголеми од 5 см често метастазираат во регионалните лимфни јазли, најчесто во пределот на препоните.

Со тек на време, карциномот на пенисот може да даде и одалечени метастази, кои се јавуваат како последица на расејувањето на малигните клетки преку крвта. Така чести места каде што метастазира карциномот на пенисот се: белите дробиви, црниот дроб, коските и мозокот.

Според тоа симптомите и знаците на болеста ќе зависат од нејзината проширеност. Доколку се јават метастази, тогаш се присутни и симптоми и знаци од зафатените органи.

Кај површните, почетни тумори на пенисот без зафатеност на регионалните лимфни јазли можно е комплетно излекување во 90% од случаите. Со зголемување на туморот, како и со зафаќање на регионалните лимфни јазли, процентот на комплетно излекување се намалува.