Баланопостит (balanopostitis) Печати

Баланит (balanitis) е воспаление на главата (glans) на пенисот, а постит (postitis) е воспаление на внатарешниот дел на кожниот набор (prepucium), кој ја штити главата на пенисот. Често, со инфекција се зафатени и двете структури, па затоа често се говори за баланопостит (balanopostitis).

Баланитот е најчеста полова инфекција, поради која мажите се јавуваат на дерматовенеролог. Причините за ова воспаление на главата на пенисот се бројни и различни: лоша хигиена, инфекција, траума, контактна алергија, разни дерматози, малигни и реуматски болести.

Во раното детство и младата возраст, често баланитот може да се јави како последица од токсичното дразнење на амонијакот во мочката, поради нередовно менување на пелените, потоа поради дразнења од околината, повреди, инфекции предизвикани од габички, вируси , бактерии, паразити, поради вродена фимоза, некои автоимуни, алергиски и хронични болести, преосетливост на лекови, локални масти и слично.

Во постара возраст, баланитот често се јавува кај пациенти со нелекуван дијабет и малигна болест.

Баланитот се карактеризира со присутен јадеж, црвенило, оток, секрет, а понекогаш и со присуство на болни мали ранички на главата на пенисот. Доколку инфекцијата трае подолго време, таа може да предизвика интензивна болка и на крај да доведе до стеснување на надворешниот мочен канал (уретра) и до потешкотии при мочањето.

Меѓу најчестите причинители на баланитот, од инфективно потекло, е Candida albicans, природен жител на дигестивниот систем, габичка која често се наоѓа на кожата, во усната празнина и во цревата. Инфекцијата може да се јави по лекување со антибиотици, поради пореметувањето на имунитетот, а за нејзино настанување потпомагаат и други фактори како: неправилна хигиена на половите органи, нелекувана шеќерна болест, нелекувана орална и вагинална кандидијаза кај сексуалната партнерка. Симптомите на жарење и јадеж се интензивираат по половиот однос, поради физичкото надразнување.

Кандидијазата е честа сексуално пренослива болест. Кај сексуално активните мажи, често баланитот може да биде предизвикан, покрај од Candida albicans, и од бактерии, кои на половиот орган се населуваат во текот на половиот однос. Воспаленијата се почести кај необрежаните мажи, кај лица со фимоза, кај лица кои не одржуваат редовна и правилна хигиена на половите органи и кај лица кои носат претесна облека.

Хигиената на пенисот е важен фактор во превенцијата на баланопоститот.

Кај болни кои имаат чести, повторувани воспаленија на препуциумот, тој може да стане тврд, бел и скрчен. Таквиот препуциум не може да се превлече преку главата на пенисот и настанува т.н. стекната фимоза, која е честа компликација на нелекуваниот или хроничен баланопостит.

Баланитот се лекува на тој начин што се препуциумот нежно трга од главата на пенисот и се испира со благ, ненадразнувачки антисептичен раствор. Најчесто се користи 3% раствор на борна киселина (acidi borici). Потоа се премачкува воспаленото место со антибиотскаа и/или антимикотична крема. Во случаите кога постои јака инфекција, треба да се даваат и антибиотици.

Кај често повторуваните инфекции, пожелно е да се направи циркумцизија т.е. обрежување.

Во случаите на хронично воспаление, кое не минува ниту по подобрена хигиена и по терапија со локални масти и медикаменти, за поставување на дијагнозата, понекогаш, е потребна биопсија.

Balanitis xerotica obliterans

Ова е хронично воспаление на главата на пенисот, кое предизвикува стварање на тврдо и беличесто ткиво при врвот на пенисот.

Причината за ова заболување не е позната, но болеста може да настане и како резултат на алергиска реакција или инфекција. Отворот на надворешниот мочен канал е опкружен со тврдо беличесто ткиво, кое на крај може да доведе до проблеми при мочањето и ејакулацијата.

Антибиотската терапија често доведува до излекување, но после тоа, обично е потребна хируршка реконстукција на врвот на надворешниот мочен канал.