Рак на пенис Печати

Ракот на главата на пенисот е редок тумор и се јавува во околу 1% од малигните тумори кај мажите, а учествува со 2%- 5% од сите урогенитални тумори кај мажите. Сепак кај мажите во Јужна Америка, Азија и Африка е релативно чест (10%-20%). Обично се јавува кај мажи во понапредната возраст, по 65 та година. Најчесто патохистолошки тоа е тумор на плочестите клетки на главата на пенисот. Најголем број на карциномите на пенисот имаат егзофитичен и улцерозен изглед. Приметено е дека кај мажи кои се обрежани, ракот на пенисот никогаш не се јавува. Се смета дека смегмата која се насобира при постоечка фимоза доведува до постојана иритација и воспаление, кое со тек на време доведува до развој на карцином.

Најчест симптом на карциномот на пенисот е појава на раничка на главата на пенисот која не зараснува, крвари и која постепено се шири како по површината, така и во длабичина. Раничката е во почетокот безболна. Често пациентите ги занемаруваат овие промени и самите се обидуваат да ги излечат мачкајќи разни креми и лосиони. На тој начин и се одложува и правата дијагноза на болеста.

Карциномот обично го зафаќа глансот и препуциумот, а многу ретко се јавува на телото на пенисот. Најчесто се јавува како безболна лезија која постепено се чири и ги зафаќа подлабоките слоеви, а моќе да ги зафати и лимфните јазли и крвните садови. Лезиите можат да имаат различен изглед. Во вид на папули, пустули (меурчиња), големи израстоци или длабоки улцерации. Карциномите поголеми од 5 см често метастазираат во регионалните лимни јазли, најчесто во пределот на препоните. Со тек на време, карциномот на пенисот може да даде и оддалечени метастази, кои се јавуваат како последица на расејувањето на малигните клетки преку крвта. Чести места каде што метастазира карциномот на пенисот се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.

Според тоа симптомите и знаците на болеста ќе зависат од нејзината проширеност. Доколку се јават метастази, тогаш се јавуваат и симптоми и знаци од зафатените органи.