Дијагностички постапки Печати
Среда, 11 Јуни 2008 08:04

За поставување на дијагнозата на карциномот на мочниот меур потребно е да се направат повеќе испитувања. Во дијагностички процедури за карциномот на мочниот меур спаѓаат:

  • анамнеза и физикален преглед од страна на уролог,
  • лабораториски преглед на мочта и крвта,
  • цитолошки преглед на мочта,
  • цистоскопија,
  • биопсија,
  • пиелографија,
  • ултразвучен (ехотомографски) преглед,
  • компјутерска томографија на абдоменот и градниот кош,
  • магнетна резонанца (МРИ),
  • биопсија на лимфните јазли,
  • сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот.

Кога ќе се јават одредени симптоми и знаци кои поставуваат сомнеж за постоење на карцином на мочниот меур потребно е да се направат одредени дијагностички испитувања.

Првични дијагностички испитувања

Анамнеза: пациентот дава анамнестички податоци за неговите минати заболувања, неговите животни навики, (како на пример пушење), за изложеноста на одредени хемиски канцерогени фактори, како и за присутните симптоми и знаци, посебно поврзани со мочањето. Од сите овие првични податоци, докторот ќе процени дали постои ризик за присутен карцином на мочниот меур. Потоа следи физикалниот преглед.

Физикален преглед: Урологот ќе изврши детален преглед, а најважен е аналниот и вагиналниот преглед, кога докторот со прст ќе влезе во ректумот или вагината. При овој преглед урологот може да напипа тврдина која може да индицира присуство на тумор.

Анализа на мочта

Анализата на мочта дава прецизни податоци за состојбата на мочните канали, мочниот меур и бубрезите. Таа може да покаже и постоење на придружна бактериска инфекција. Пациентот дава мочка за микробактериолошка анализа. Доколку анализата покаже присуство на бактерија, се прави и антибиограм (се одредува кој антибиотик е најефикасен за лекување на бактеријата која е изолирана од мочта). Исто така се испитува и присуство на крв, белковини или шеќер во мочта. Било која абнормалност во уринарниот тест индицира понатамошни испитувања.

Лабораториски испитувања на крвта

Во рутинските испитувања на крвта спаѓаат: преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на бубрезите (нивото на серумскиот креатинин, уреа, алкална и кисела фосфатаза и др.) Доколку функцијата на бубрезите е оштетена, вредностите на уреата и креатининот ќе бидат повисоки од нормалните граници.

Цитолошки преглед на мочта

Тоа е микроскопски преглед на мочта со цел да се утврди присуство или отсуство на карциномски клетки. Доколку овој тест е позитивен, односно се откријат малигни клетки во мочта, испитувањето продолжува со цистоскопија.

Цистоскопија.

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи. Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур. На тој начин, докторот има увид во состојбата на слузницата која го обложува од внатре мочниот меур. Лекарот директно гледа во внатрешноста на овие органи. Доколку забележи некои ненормални промени при оваа процедура лекарот може да земе парче од изменетото ткиво за микроскопска анализа (биопсија). Цистоскопијата треба по правило да се изведува во локална или општа анестезија.

Биопсија

Урологот може за време на цистоскопскиот преглед со помош на специјална игла да земе парчиња од ткивото на промената. Биопсијата се изведува со анестезија, меѓутоа сепак може да биде непријатна. Постои мал ризик од инфекција. Затоа се даваат антибиотици за превенција на инфекција. По биопсијата може да се забележи крв во мочта, обично таа се избиструва по неколку дена од биопсијата. Ова е краткотрајниа промена и брзо исчезнува по смирување на местото од каде е земена биопсијата.

По земањето на примероците од промената на мочниот меур, тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог. Дефинитивната дијагноза на карциномот на мочниот меур се поставува со микроскопското прегледување на примерокот од ткивото на мочниот меур земено при биопсијата. Патологот може да одреди дали има присуство на карциномски клетки, да го утврди видот на карциномот како и неговата агресивност (колку брзо може да расте туморот).

Патолошката дијагноза треба да се направи споед класификацијата на СЗО (Светската здраствена органиозација) од материјалот добиен со тррансуретралната биопсија на промената во мочниот меур.

  • 90% од карциномите на мочниот меур се на преодниот епител на мочниот меур
  • Околу 6% до 8% се сквамозни карциноми
  • 2% се карциноми се аденокарциноми

Понекогаш промената може да биде многу мала, присутна само во мал дел од мочниот меур. Поради тоа, со биопсијата може да се “промаши“ таа промена и да се добие ткн. „лажно“ негативен наод. Доколку лекарот сепак се сомнева за присуство на карцином, по некое време се повторува биопсијата (ребиопсија).

Пиелографија

Тоа е дијагностичка метода при која се прават повеќе серии на рендгенски филмови на целиот уринарен тракт кои се прават по вбризгување на специјален контраст во вена (интравенска пиелографија-ИВП) или со вбризгување на контраст во уретрата (ретроградна пиелографија).

Со ова метода се визуелизираат сите органи на уринарниот систем и може да се откријат одредени абнормалности.

Дополнителни дијагностички процедури

Кога е поставена дијагноза за карцином на мочниот меур, потребни се и некои дополнителни испитувања кои ќе помогнат за одредување на проширеноста на болеста односно ке го одредат нејзиниот стадиум. Ова е многу важно за избор на соодветна терапија. Тие дополнителни дијаггностички процедури се:

Ултразвучен (ехотомографски) преглед

Ова е неинвазивна, безболна дијагностичка процедура. Се изведува со помош ма специјален апарат со сонда кој користи звуци со висока фрекфенција Преку сондата се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од упадниот сноп на ултра-звучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор. Сондата се поставува на површината на телото на абдоменот.

Со оваа метода се испитуваат контурите на мочниот меур, но и структурите на сите органи во абдоменот.

Со ехотомографскиот преглед може точно да се одреди големината на туморот, како и тоа дали тој е проширен во околните структури и органи во абдоменот.

Компјутерска томoграфија (КТ) на абдоменот и градниот кош

Компјутерсктата томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот на мочниот меур, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот и неговата проширеност во околните ткива и структури, како и присуство на метастази во белите дробови и органите во абдоменот (пример во црниот дроб или во регионалните лимфни јазли) и дали постои опструкција во мочните патишта и оштетување на бубрезите поради таа опструкција.

КТ се користи и за планирање и соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се коористи и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Оваа дијагностичка процедура може да помогне во откривањето на присутни метатстази во лимфните јазли или коските.

Биопсија на лимфните јазли

Доколку со помош на КТ и МРИ се открие присуство на зголемени лимфни јазли, биопсијата на лимфните јазли може со сигурност да утврди дали постојат карциномски клетки во нив.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на мочниот меур може да даде коскени метастази кои настануваат со расејување на карциномските клетки од мочниот меур по крвен пат. Може да биде зафатена било која коска од телото, но најчесто промените се во рбетот и карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 1 и пол час од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна, и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени.