Превенција и скрининг Печати
Среда, 11 Јуни 2008 05:35

Бидејки не е позната причината на болеста како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак како превенција се наведува престанок на пушењето, избегнување на излоченост на некои канцерогени фактори ( пример одредени професии при кои лицата се излочени на одредени хемиски канцерогени), правилна исхрана со внесување на повеќе овошје и зеленчук ви исхраната, а помалку конзервирана храна.

Но сепак најважно е нејзиното рано откривање.

Карциномот на мочниот меур често може да биде асимптоматски т.е да не даде никакви симптоми во неговиот ран стадиум, се додека тој не прогредира во понапреднат стадиум. Затоа, кај оние пациенти кои имаат еден или повеќе фактори на ризик се препорачува скрининг, со цел да се открие ракот во неговиот ран стадиум, кога и лекувањето е успешно.

Скрининг тестовите обично се изведуваат периодично, на пример еднаш годишно, или еднаш на секои 5 години.

Најчести скрининг тестови се:

Анамнеза

Пациентот дава анамнестички податоци за неговите минати заболувања, неговите животни навики, (како на пример пушење), за изложеноста на одредени хемиски канцерогени фактори, како и за севентуалното присуство на сегашни тегоби поврзани со мочањето. Од сите овие првични податоци, докторот ќе процени дали постои ризик за присутен карцином на мочниот меур. Потоа следи физикалниот преглед.

Физикален преглед

Урологот ќе изврши детален прегед, а најважен е аналниот и вагиналниот преглед, кога со прст ќе влезе во ректумот или вагината. При овој преглед урологот може да напипа тврдина која може да индицира присуство на тумор.

Анализа на мочта

Анализата на мочта дава прецизни податоци за состојбата на мочните канали, мочниот меур и бубрезите. Таа може да покаже и постоење на придружна бактериска инфекција. Пациентот дава мочка за микробактериолошка анализа. Доколку анализата покаже присуство на бактерија, се прави и антибиограм (се одредува кој антибиотик е најефикасен за лекување на бактеријата која е изолирана од мочта). Исто така се испитува и присуство на крв, белковини или шеќер во мочта. Било која абнормалност во уринарниот тест индицира понатамошни испитувања.

Лабораториски испитувања на крвта

Во рутинските испитувања на крвта спаѓаат: преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на бубрезите (нивото на серумскиот креатинин, уреа, алкална и кисела фосфатаза и др.) Доколку функцијата на бубрезите е оштетена, вредностите на уреата и креатининот ќе бидат повисоки од нормалните граници.

Цитолошки преглед на мочта

Тоа е микроскопски преглед на мочта со цел да се утврди присуство или отсуство на карциномски клетки. Доколку овој тест е позитивен, односно се откријат малигни клетки во мочта, испитувањето продолжува со цистоскопија.

Цистоскопија

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи. Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур. На тој начин, докторот има увид во состојбата на слузницата која го обложува од внатре мочниот меур. Лекарот директно гледа во внатрешноста на овие органи. Доколку забележи некои ненормални промени при оваа процедура лекарот може да земе парче од изменетото ткиво за микроскопска анализа (биопсија). Цистоскопијата треба по правило да се изведува во локална или општа анестезија.

Овие тестови исто така се користат и за дијагноза на карцином на мочниот меур кај лица кои имаат присутни симптоми и знаци.