Рак на мочен меур (bladder cancer, carcinoma vesicae urinariae) Печати

Ракот на мочниот меур се јавува како последица на неконтролирано забрзано множење (абнормална мултипликација) на клетките. Во најголем број на случаи ракот на мочниот меур потекнува од преодниот епител, поретко од плочестиот и жлездениот епител на мочниот меур.

Карциномот на мочниот меур учествува со само 2% од сите карциноми кои се јавуваат кај човекот. Почест е кај мажите отколку кај жените и тој однос е 2:1. Грубата инциденција на инвазивниот карцином на преодниот епител на мочниот меур во Европската Унија е 19.5/ 100 000 годишно, смртноста е 7.9/ 100 000 годишно. Обично се јавува во понапредната возраст така да околу 70% од пациентите со карцином на мочниот меур се на возраст над 65 години.

Карциномот на мочниот меур може да биде суперфициелен (површински) т.е. да ја зафаќа само слузницата, без да продира во мускулниот слој и инвазивен карцином, кој продира и во мускулниот слој на мочниот меур.

Суперфициелниот карцином е почест од инвазивниот и се јавува во 75% од сите случаи на карцином на мочниот меур. Една од карактеристиките на овој тип на карцином на мочниот меур е што често се повторува (рецидивира). Така суперфицијалната болест се повторува до 80% од пациентите. Во 10% случаи овие површински карциноми прогредираат во мускулно инвазивни карциноми.

Инвазивниот карцином ја зафаќа мускулатурата на мочниот меур и се јавува во 25% од сите пациенти со рак на мочен меур при нивното иницијално дијагностицирање.Тоа е агресивен тумор.