Д-р Лилјана Ацева-Андонова, идеен творец на rak.mk и главен менаџер на САМОСВЕСТ Печати

Д-р Лилјана Ацева-Андонова е специјалист радиотерапевт и онколог и шеф на отсек на одделот за лекување на урогенитални малигни заболувања при Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Д-р Ацева-Андонова е идеен творец на Македонскиот портал за ракот – www.rak.mk и веќе 8 години активно работи на неговиот развој и усовршување. Во работата на порталот www.rak.mk се вклучени повеќе реномирани доктори-онколози, но и специјалисти од другите области на медицината, кои своето долгогодишно искуство го преточуваат и пренесуваат на оваа веб страница.

Интернет медиумот www.rak.mk e информативно едукативен портал за подигање на свеста на граѓаните за малигните заболувања и за здравиот живот, портал кој денес претставува вистинско богатство од информации.

На порталот секојдневно се објавуваат нови информации од областа на медицината, актуелни информативни и едукативни содржини распоредени во повеќе тематски области: Тумори, Ординација, Новости, Истражувања, Алтернатива, Живеј здраво, Здрава исхрана, Мултимедија...

Порталот содржи преку 6000 написи и секојдневно го посетуваат преку 3000 посетители. Бројот на посети е во постојан пораст. Една од активностите на порталот е издавање на месечен електронски весник кој го добиваат преку 2000 корисници.

Порталот Rak.mk е со докажан квалитет кој беше потврден со победа на одржаниот избор за „Наградата на Светскиот самит за информатичко општество 2009“ каде беше избран за претставник на Македонија на Светскиот самит (WSA) кој се одржа во Мексико.

Д-р Ацева-Андонова е и председател на Центарот за здрав живот САМОСВЕСТ.

Определба на Центарот за здрав живот „САМОСВЕСТ“ е подигање на свеста на граѓаните на Р. Македонија за зачувување на здравјето и животната средина како и за креирање на современо информатичко општество (iSociety). Своите активности Центарот ги реализира преку конкретни проекти, акции, трибини и кампањи во областа на здравјето, екологијата и информатичкото општество.

Тековен проект на САМОСВЕСТ од областа на здравјето е проектот за Подобра информираност и едукација за малигните заболувања на граѓаните на Р. Македонија. Тој се состои од изработка и издавање на едукативен материјал, организирање на едукативен караван за малигните заболувања низ Македонија, отворени трибини и други настани и активности со кои ќе се подигне свеста кај народот за зачувување на здравјето. Во рамките на овој проект, во тек е реализацијата на подпроектот „Дознај повеќе за ракот на бубрегот и зачувај го своето здравје“.

Д-р Ацева-Андонова е и иницијатор за формирањето на НВО „ЗДРАВА ПРОСТАТА“. Таа активно учествува во работата на здружението. Главна цел на „Здрава Простата“ е да ја подигне свеста кај македонскиот маж за болестите на простатата, особено за ракот на простатата.

За своето едногодишно постоење, здружението „ЗДРАВА ПРОСТАТА“ реализира повеќе проекти: издаде едукативен материјал за простатата, го одбележа светскиот ден на простатата 15 септември со јавна трибина во Скопје, организира јавни трибини во Битола, Прилеп и Велес.