Превенција и скрининг на рак на тестис Печати

Бидејки не е позната причината на болеста како и сите можни ризик фактори, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Затоа најважно е нејзиното рано откривање.

За раното откривање на болеста многу е важна едукацијата на младата машка популација. Тие треба да се информираат за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот, ризик факторите (крипторхизам, постоење на карцином на тестисот кај членовите на најблиското семејство).

Самопреглед на тестисите

 

Самопрегледот на тестисите е најпроста, но многу ефикасна метода за раното откривање на ракот на тестисот. Треба да го прави секој маж еднаш месечно, почнувајки од пубертетот.

Денес карциномот на тестисот е болест која се лекува во висок процент (околу 99%) ако се открие во раниот стадиум. Карциномот на тестисите дава добар одговор на применетата терапија и во напреднатите стадиуми, кога тој е проширен и во другите делови на телото.

Денес 9 од 10 пациенти се излекуваат. Повеќето од нив имаат нормален сексуален живот и потомство. Затоа, самопрегледот е многу важен за рано откривање на болеста и за нејзино успешно лекување.

Самопрегледот на тестисите е наједноставна, но многу ефикасна метода за рано откривање на ракот на тестисот. Самопрегледот треба да го прави секој маж еднаш месечно, почнувајки од пубертетот. Најдобро е да се прави после топла купка или тушање, кога кожата на скротумот е мека и опуштена и преку насапунетата кожа може лесно да се напипа секоја евентуална промена. Оваа метода е многу едноставна и трае само неколку минути.

Како се обавува самопрегледот на тестистите?

После туширањето треба да се застане пред огледало и добро да се прегледа пределот на половите органи. Важно е да се примети дали постои промена во големината на скротумот (присуство на оток).

Секој тестис треба да се прегледа посебно.

Со двете раце се опфака тестисот така да со дланките се оценува големината и тежината на тестисот,а со лесен притисок се пропушта низ прстите на двете раце (показалецот и средните прсти од доле и палците од горе). Површината на тестисот треба да биде мазна на допир,без неравнини и тврдини. Нормално е да двата тестиса не се со иста големина, а едниот може да биде пониско поставен од другиот.

Се продолжува со преглед на епидидимот, кој се наоѓа позади секој тестис и е со потврда конзистенција од ткивото на тестисот. Преглед се прави и на семеноводите кои се пипаат како подвижни цврсти цевки.

Од кога ке се прегледа едниот тестис, се продолжува со внимателен преглед на другиот.

Доколку при самопрегледот се напипа тврдо чворче во тестисот или во околните регии, веднаш, без чекање треба се се оди на преглед кај лекар.

Туморот обично се наоѓа само во едниот тестис, така да и во случај на операција која се прави при карциномот на тестисот( отстранување на целиот тестис со туморот) останатиот здрав тестис е доволен за потполна сексуална функција.

Совети до младата машка популација

  • Научете како се прави самопреглед на тестисите и редовно, еднаш месечно направете го.
  • Имајте на ум дека карциномот не боли се додека не дојде во понапреднатите стадиуми, така да тоа што нема болка, не е и гаранција дека нема присуство на карцином.
  • Немојте да ги избегнувата редовните контроли кај вашиот лекар и кога сте здрави, плашејќи се да не ви откријат нешто. Подобро е, ако веке нешто постои, да се открие на време, отколку да се одолговлечува, бидејќи на тој начин директно си го загрозувате сопствениот живот.
  • Немојте да го одлагате прегледот кај вашиот лекар ако приметите некои симптоми и знаци затоа што ви е срам или страв од прегледот. Имајте во предвид дека секој дел од нашето тело е подложен на малигни оболувања. Ракот не знае за срам.
  • Кажете и покажете му ги и најмалите промени што сте ги забележале на вашиот лекар. Не пресудувајте сами што е важно а што не.
  • Бидете спремни за понатамошни испитувања со цел да се утврди вашата права здравствена состојба. Тоа е предуслов за превземање на адекватна терапија, ако е таа потребна.