Терапија по стадиуми Печати

Третман кај стадиум I и II на болеста

Се користат различни цитостатици во третманот на нефробластомот, во зависност од стадиумот на болеста.

Раните стадиуми на болеста (стадиум I и II), со поволна хистологија обично се лекуват со 2 цитостатика: винкристин и дактиномицин. Овие цитостатици се даваат во вид на инравенска инфузија, во почетокот во неделен интервал, а потоа на секои 2-3 недели. Терапијата обично се спроведува во амбулантски услови, во дневните онколошки болници. Таа обично добро се поднесува од страна на детето, иако може да се присутни благи несакани ефекти, но тие не бараат хоспитализација.

Радиотерапијата не се препорашува кај пациенти со стадиум I и II болест и со поволна хистологија на туморот.

Третман кај стадиум III и IV на болеста

Стадиумите III и IV на болеста, неповолните хистолошки тумори, како и светлоклеточниот(clear cell) сарком и малигниот рабдоиден тумор се лекуваат со 3 ими повеќе цитостатици, зависно од стадиумот на болеста и хистологијата.

Радиотерапијата се применува во пределот на туморското лежиште и на целите бели дробови, кога се присутни метастази во нив.

Овие цитостатици се даваат во вид на инравенска инфузија, најчесто во амбулантски услови. Понекогаш третманот на овие стадиуми на болест бара хоспитализација, бидејќи често е придружен со посериозни несакани ефекти.

Ризиците кои се поврзани со поинтензивната хемотерапија се:

  • поголем пад на крвната слика (намален број на крвните зрнца во крвта), при што може да има потреба од трансфзија на крв,
  • ризик од треска и појава на инфекција, која бара хоспитализација и примена на антибиотска терапија.

Цитостатиците кои се користат во повисоките стадиуми на болеста ги вклучуваат: vincristine, dactinomycin, doxorubicin, cyclophosfamide, carboplatin, etoposide или ifosfamide (ретко).

Изборот на цитостатиците зависи од стадиумот на болеста, како и од актуелните тераписки клинички протоколи.

Несакани ефекти од хемотерапијата

Бидејќи лековите кои се даваат при хемотерапијата (цитостатици) не делуваат селективно само на карциномските клетки, туку и на клетките на нормалните ткива и органи, тие може да дадат повеќе несакани ефекти.

Несаканите ефекти од хемотерапијата зависат од типот на лекот, дадената доза, како и од времетраењето на третманот.

Привремени несакани ефекти се:

  • мачнина и гадење (наузеа), повраќање (вомитус),
  • пролив (дијареа),
  • губиток на апетит,
  • општа слабост и малаксаност, замор,
  • супресија на коскената срцевина и пад на крвните клетки,
  • промени во усната слузница,
  • оштетувања на периферните нерви,
  • опаѓање на косата (алопеција).

Повеќето од овие несакани симптоми исчезнуваат по прекинувањето на хемотерапиското лекување. Овие краткотрајни несакани ефекти може да се намалат или спречат со давање на соодветни лекови.

Повеќе за хемотерапија >>

Несакани ефекти од радиотерапијата

Како привремени несакани ефекти од радиотерапијата може да се јават: општа слабост, малаксаност, мачнина, гадење, пролив (при озрачување на туморкото лежиште), но тие брзо исчезнуваат по завршувањето на зрачниот третман.

Повеќе за радиотерапија >>

Прогноза

Прогнозата зависи од повеќе прогностички фактори, а посебно од стадиумот на болеста и хистолошкиот тип на туморот.

Тригодишниот период без присуство на болест за стадиум I, со поволна хистологија е 93%, а доколку хистологијата е неповолна, тој процент изнесува 50-60%.

За стадиум IV на болеста, тригодишниот период без присуство на болест за тумори со поволна хистологија е 67%, а за оние со неповолна прогноза е 7%.

Исто така и возраста е прогностички фактор, така што деца под две години имаат значително подобра прогноза.

Процентите на преживување се добри за болните со поволна хистологија и петгодишното преживување изнесува 90% во I и II стадиум, 80-85% во стадиум III, 60-80% во IV стадиум и 70-80% во V стадиум (билатерална болест).

Болните со светлоклеточен („clear-cell“) сарком и рабдоиден тумор и понатаму имаат неповолна прогноза (табела 5) иако севкупните резултати од лекувањето се подобрени.

табела 5

Во случаевите на релапс (повторување на болеста), околу 50% од пациентите може да се лечат, и тоа воглавно оние со субдијафрагмален релапс и оние кои претходно се третирани со хемотерапија, но без радиотерапија на абдоменот.

Иако нефробластомот има одлична прогноза, задачите кои предстојат во иднина првенствено се однесуваат на одржување на високо ниво на преживување со истовремено намалување на морбидитетот предизвикан од адјувантната хемотерапија и радиотерапијата.