Ракот на панкреасот – „тивка болест“ која одзема животи Печати

Ракот на панкреасот почест е кај мажите, а во 80% од случаите се јавува на возраст од 60 до 80 години.

Ракот на панкреасот е искучително опасна болест, бидејќи не дава рани и специфични симптоми кои би не навеле да се јавиме на лекар. Често пати раните симптоми на ракот на панкреасот се неспецифични и слични со симптомите на многу бенигни состојби. Поради тоа, ниту пациентите, па дури ниту лекарите не им обрнуваат внимание. Затоа, многу често, ова сериозно малигно заболување се открива т.е. дијагнистицира веќе кога болеста е во напреднат стадиум и кога веќе се манифестирале еден или повеќе симптоми од класичниот тријас: болка, жолтица и губење на телесна тежина. Овие симптоми веќе укажуваат на локално напреднат стадиум на болеста. Бидејќи болеста најчесто доцна се открива и исходот во поголемиот број на случаи е смрт на пациентот.

Туморот на панкреасот често се нарекува „ тивка болест“, токму поради тоа што симптомите многу ретко се појавуваат во раната фаза на болеста. Тестови, кои би можеле да помогнат во раното откривање на болеста, за жал, не постојат.

Рани симптоми кои се јавуваат се губиток на апетит, мачнина и повраќање. Може да се забележат и безболни жолти флеки по кожата, темна урина или посветла масна столиа. Исто така, може да се јави и болка во горниот дел на абдоменот поради притисокот на туморот на нервите.

Кај најголем број од болните (90%) првата манифестација на болеста е жолтицата пропратена со нагло губење на телесната тежина.

Основни симптоми и знаци на карциномот на панкреасот може да бидат: жолтица, болка и слабеење. Можни се и други симптоми на болеста, но тие не се специфични само за ракот на панкреас.

Се препорачува консултација со лекар при појава на некои од следниве симптоми и знаци: жолтица (жолта пребоеност на кожата и белките на очите), болка во горниот и среден дел на стомакот и грбот, нејасно губење на телесна тежина, губење на апетитот, малаксаност.

Како неспецифични симптоми се јавуваат гадење, повраќање, запек, слабост, јадеж по кожата, асцит.

Абдоминалната болка е присутна во 50 до 90% од случаите и во почетокот таа е дифузна, се јавува повремено, често зависи од завземената положба на болниот, а понекогаш може да се јави по земање на храна, поради што личи на болка предизвикана од чир во желудникот. Болката е најчесто локализирана во горниот дел на абдоменот (епигастриум), но една четвртина од пациентите имаат и болка во грбот. Болката во грбот е знак за напредната болест и постоење на инфилтрација во ретроперитонеумот.