Што е палијативна аналгетска радиотерапија, кога и како се спроведува? Печати

Палијативната зрачна терапија се покажала како мошне ефикасна во третман на болката предизвикана од коскени метастази кај пациентите со карцином. Одговор се постигнува кај приближно 70-80% од болните.

Аналгезија може да се постигне и тогаш кога радиотерапијата се применува во состојби како што се компресија на коскениот мозок и туморски улцерации со крварење. Режимите на палијативната радиотерапија најчесто се концентрирани и интензивни односно се остваруваат високи дневни дози за краток временски период (4 x500cGy, 5x400cGy, 10x300cGy). Во некои случаи може да се примени и единечна доза од 8 Gy. т. е. само едно зрачење во пределот на болната регија.

Палијативната радиотерапија нема за цел излекување на пациентот, туку само ублажување на постоечките симптоми на болеста и подобрување на квалитетот на животот на пациентот.

Нејзината примена сепак е од голема вредност. Со неа се намалуваат знаците и симптомите кои произлегуваат од примарниот тумор и далечните метастази.

Палијативната радиотерапија (зрачма терапија) најчесто се применува со цел да ги отстрани симптомите кои се јавуваат како резултат на локалното ширење на туморот, а тоа се: отежнато дишење поради компресија на дишните патишта од страна на туморот, крварење, постоење на јаки болки во пределот на туморот и др.

Палијативната радиотерапија се користи и кај пациенти со симптоми од метастатското ширење на болеста. Коскени метастази пропратени со интензивна коскена болка најчесто се јавуваат при карцином на дојка и на простата.. Палијативната радиотерапија доведува до значително намалување на болката во регијата која се озрачува и до спречување на патолошко кршење на зафатената коска.

Палијативната радиотерапија ургентно се користи кај пациети со компресија на коскениот мозок, со што се намалува туморот, а со тоа и компресијата и симптомите од неа. Со нејзина примена значително се подобрува квалитетот на живот на пациентот.

Палијативната радиотерапија се спроведува со надворешно зрачење (external beam radiotherapy).