5 совети за здраво срце и крвни садови Печати

1. Престанете да пушите, ако веќе не сте го сториле тоа

Пушењето го зголемува ризикот за кардиоваскуларни и мозочни заболувања. Тоа за десет пати го зголемува ризикот за смрт, предизвикана од мозочен или срцев удар.

Пушачите почесто заболуваат од периферна васкуларна болест. Оваа болест подразбира стеснување на крвните садови со намалување на крвотокот во рацете и нозете. Поради недоволната прокрвеност и исхранетост на рацете и нозете се јавуваат бројни симптоми, како: ладни раце и нозе, трнење и болни грчеви, а во некои случаи може да дојде и до појава на гангрена која бара ампутација на екстремитетите.

2. Бидете физички активни

Секојдневните физички активности, како што се трчањето, пливањето или еден час вежбање, можат да го намалат ризикот од заболувања на срцето и крвните садови. Физичката активност го јакне нашето тело, но и духот. Тоа им помага на нашите мускули да се справат со поголемо оптеретување, го зголемува количеството на кислород во организмот, а со тоа се зголемува и нивото на енергијата.

3. Прифатете ја медитеранската исхрана

Лицата кои практикуваат медитерански начин на исхрана т.е. прехрамбен режим богат со овошје, зеленчук, интегрални житарици, риба, јатчести плодови и маслиново масло, во помала мерка се изложени на ризик од развој на кардиоваскуларни заболувања.

Медитеранската исхрана се препорачува за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, атеросклероза, срцев и мозочен удар.

Резултатите од најновата студија потврдиле дека овој начин на исхрана позитивно делува и на менталното здравје.

4. Заштитете го срцето

Хормонската супституциона терапија по менопаузата го чува срцето за време на траењето на третманот, но не и по третманот. Затоа, консултирајте се со вашиот лекар околу времетраењето на лекувањето.

5.Одете на кардиолошки преглед

Ако некој од вашите блиски роднини имал срцев или мозочен удар пред 60-тата година од животот, отидете на кардиолошки преглед. Доколку имате еден или повече фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања, реедовно посетувајте го вашиот кардиолог. Високиот крвен притисок, пушењето, покачениот холестерол во крвта, прекумерното консумирање на алкохол, физичката неактивност, неправилната исхрана го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања.