Што се бубрезите и кои се нивните основни функции? Печати

Бубрезите се парни органи кои претставуваат централен дел на уринарниот систем. Сместени се во ретроперитонеалниот простор на задниот зид на абдоменот и се наoѓаат од двете страни на рбетниот столб (во висина на 12 граден и 1 и 2 от слабински прешлен). Десниот бубрег е поставен пониско од левиот, заради неговото потиснување од црниот дроб.

Бубрегот има форма на зрно грав, чија конкавна ивица е свртена према рбетниот столб. Тој кај возрасен човек тежи околу 140-150г и има големина на тупаница. На медијалната страна на бубрегот се наоѓа влезниот отвор или бубрежниот хилус низ кој минуваат крвните и лимфни садови, нерви и надворешниот мочен канал.

Бубрегот е обвиен со сврзна капсула, а околу капсулата се наоѓа слој на масно ткиво кој ја одржува топлината и го зацврстува бубрегот.

Основна морфолошка и градбена единица на бубрегот е нефронот. Секој бубрег се состои од преку милион нефрони и секој од нив може потполно самостојно да создава мочка (урина). Човекот може да живее додека му функционира барем 1/3 од нефроните.

Бубрезите имаат цел низ на по живот важни функции и влијаат на работата на останатите органи, како и на организмот во целина.

Основна функција на бубрезите е да ја формира дефинитиваната урина, но покрај тоа тие имаат повеќекратна улога во одржувањето на хомеостазата во организмот. Тоа подразбира:

  • Регулирање на равнотежата на водата и електролитите во организмот
  • Регулирање на осмоларноста на телесните течности и концентрацијата на електролитите
  • Регулирање на ацидо-базната равтотежа
  • Излачување на отпадните продукти од метаболизмот и штетните хемокалии
  • Регулирање на артерискиот притисок
  • Секреција на различни хормони
  • Синтеза на гликоза и друго.