Зошто гориме на сонце? Печати

Кожата гори кога подолго ќе останеме на сонце. Научниците веруваат дека изгорениците во детството можат значително да го зголемат ризикот за малиген меланом, најопасен и најсмртоносен рак на кожа. Црвенилото и појавата на изгореници е хемиски одговор на телото на претераното изложување на сончевите ултравиолетови зраци. Без заштита, УВ зраци, кои неможат да се видат на кожата, можат да продрат длабоко во слоевите на кожата, оштетувајќи ги клетките. Сончевите зраци го оштетуваат јадрото на клетките, кое го носи генетскиот код на ДНК.

Изгорениците од сонце не се како изгорениците од топлина. Кога ќе добиете изгореници од сонце, надворешниот слој на кожата ослободува хемиски материи од кои крвните садови отекуваат и пропуштаат течност. Ова доведува до воспаление, јадеж, црвенило, дехидратација, болки, а во потешки случаи и појава на пликови.

Зошто се лупи кожата?

Лупењето на кожата после сончевите изгореници е начин на кој кожата се ослободува од оштетените клетки. Ова е неопходно, бидејќи клетките оштетени од сончевите зраци можат да станат канцерогени. Иако кожата се лупи и се ствара нов слој, некои оштетувања од сончевите зраци можат да останат. Ова може да предизвика проблем подоцна во животот, па најважно е да пазите да не изгорите на сонце.

Препораки: Сончај се паметно – Заштити се од меланом!

  • Што помалку изложувајте се на сонце, особено од 10 до 16 часот.
  • Користете квалитетни средства за сончање со минимум 15 заштитен фактор.
  • Обилно нанесувајте заштитна крема со УВА и УВБ заштитни филтри половина час пред излегување на сонце и на секои два часа, дури и во облачните денови. Повторно ставете заштитна крема после капење или потење.
  • Заштитете ги децата од прекумерно сончање. Не ги изложувајте на јако сонце и задолжително користете средства со минимум 30 заштитен фактор и повеќе. Детската кожа е нежна и најбрзо гори.
  • Носете кошули со долги ракави, долги здолништа или панталони, капи и шешири кои го штитат лицето, но и задниот дел од вратот.
  • Носете квалитетни очила со 100% УВ заштита.
  • Избегнувајте сончање во солариум.
  • /
  • Правете самопреглед на кожата еднаш месечно.
  • Редовно одете на контролни лекарски прегледи кај дерматолог.