Карцином на желудник (Gastric cancer, Stomach cancer) Печати

Под поимот карцином на желудник најчесто се подразбира аденокарциномот на желудникот - тумор кој потекнува од жлездените клетки на слузницата на желудникот и е најчест хистопатолошки тип на тумор на желудникот (95-97%).

Други поретки тумори на желудникот се: лимфоми (кои потекнуваат од клетките не лимфното ткиво) и саркоми (потекнуваат од клетките на сврзното ткиво во кое спаѓаат мускулите, масното ткиво и крвните садови).

Најчесто аденокарциномот се манифестира како: улцеративен (75%), поретко како егзофитичен, полипоиден (10%), дифузен, скирусен (10%), или како суперфициелни (површински) мукозен тумор.

Карциномот на желудникот може да се јави во било кој дел од желудникот. Сепак, почесто се јавува на излезниот дел од желудникот (antrum) и на долната третина на телото на желудникот, отколку на почетниот и горните делови.

Карциномот на желудникот се шири по мукозната површина, инфилтрирајќи го и желудечниот sид, што може да резултира во опсежна скирусна инфилтрација, означена како linitis plastica.

Карциномот на желудникот може да ги инфилтрира соседните органи и структури директно проширувајќи се кон нив.

Карциномот може да се шири и преку лимфните садови и да даде метастази во регионалните, но и во оддалечените лимфни јазли.

Хематогената (преку крвта) дисеминација е многу честа. Може да се јават метастази во било кој далечен орган или ткиво во телото. Сепак, најчести се метастазите во црниот дроб, поретко во белите дробови, надбубрежните жлезди и панкреасот. Карциноматозниот менингитис е чест облик на метастазирање во централниот нервен систем (ЦНС).