Совети на лекарите за полесно да ги издржиме жештините Печати

За полесно да ги издржиме големите жештини, лекарите советуваат да водиме сметка за начинот на исхраната, да внесуваме доволно количини на течности, да престојуваме во ладни простории и да ја намалиме физичката активност, особено кога сме надвор.

Лекарите советуваат да се повеќе одмарааат оние лица кои спаѓаат во т.н. чувствителна популација – децата, трудниците, доилките, старите лица, лицата со хронични заболувања, реконвалесцентите, лицата со тешка физичка работа, како и оние лица кои работат надвор.

Што треба да се јаде

Лекарите на сите им препорачуваат редовно да јадат – задолжителен е појадокот, лесен ручек и вечера, како и две дневни ужини, кои ќе ни ја зачуваат силата и ќе ни го зајакнат телото. Треба да се јаде лесна и лесно сварлива храна - салати со зеленчук, посно сирење, супа, риба, а треба да се внимава месото да биде добро термички обработено.

Разладете се со туширање

Заштитата од жештината подразбира и редовно одржување на лична хигиена – туширање со млака вода пред одење на спиење, после работа, после рекреација, секојдневно менување на облеката.

Се препорачува редовно проветрување на просториите, употреба на темни завеси на прозорите, подесување на клима уредот така да разликата во температурата помеѓу надворешната средина и средината во која се престојува да не биде поголема од 7 до 10 степени.

Задолжително носете шешир со широк обод

Кога сте на отворен простор, задолжително носете облека од природен материјал, широки здолништа и кошули со долги ракави, заштитете ја главата со капа или шешир, заштитете ја кожата со препараати со заштитен фактор најмалку 15. Не се сончајте во периодот од 11 до 17 часот, кога сонцето е најјако.

Намалете ја физичката активност

Не претерувајте со физичкото напрегање, со вежбање и долго одење, а на спиење одете пред полноќ, бидејќи тој сон е најквалитетен и го одмара заморениот организам, ги регенерира ткивата и прави да лицето другитот ден биде потполно одморно и помалку нервозно.