Проширени вени - фактори на ризик и превенција Печати

Проширените вени на нозете се наследно заболување, кое ги напаѓа најчесто жените. Но, појавата на ова заболување може да се спречи или ублажи.

Тежина и грчеви во нозете, отоци на зглобовите и на нозете, тапа болка, чувство на трнење на нозете и јадеж, се првите знаци дека нешто не е во ред со крвотокот во нашите вени. Се смета дека околу 15 % од луѓето ги имаат овие тегоби, од кои дури три четвртини се жени. Проблемите со вените обично се наследни. Во семејствата, во кои и двата родители пателе од проширени вени, во 80% случаи иста судбина ќе ги снајде и нивните деца.

Како настануваат проширените вени?

Станува збор за трајно проширување на крвните садови. Проширените вени може да се јават на било кој дел на телото кое има богата венска мрежа, но сепак најчесто се јавуваат на нозете.Начинот на кој настануваат проширените вени лесно може да се објасни. Крвта циркулира низ два венски системи, површински и длабински, кои меѓусебно се поврзани со ситни вени. За да крвта од нозете се врати во срцето, таа мора да ја победи силата на земјината тежа. Враќањерто на крвта од нозете во срцето се одвива благодарение на стегањето на мускулите на нозете и на притисокот на стопалата при движење. Залистоците кои се наоѓаат во sидовите на вените спречуваат крвта да се враќа назад.Ако залистоците лошо функционираат. крвта се задржува во вените и ги проширува. Може да дојде до проширување на површните вени, но и на длабоките вени на нозете.

Што ја зголемува можноста за појава на проширени вени?

Проширените вени се предизвикани од конституционалната слабост (најчесто наследна) на sидовите и залистоците на вените. Меѓутоа, постои цел низ на други предиспозиции:

  • Долго стоење или седење на работа или дома. Отсуството на мускулни контракции за подолго време го оневозможува постојаното потиснување и проток на крвта.
  • Зголемената телесна тежина врши дополнителен притисок, и го отежнува враќањето на крвта од вените во срцето.
  • Бременоста не само што го зголемува ризикот за проширени вени со тоа што плодот врши притисок на малата карлица, туку и поради зголеменото лачење на хормоните на бременоста (естроген, прогестерон, гонадотропин), кои, исто така, ги ослабуваат sидовите и залистоците на вените.
  • Ендокрини пореметувања кои предизвикуват зголемување на нивото на естрогенот и прогестеронот во крвта. Зголеменото лачење на естроген и прогестерон го оштетува и го ослабува ѕидот на вените, па тие понекогаш се шират и до два-три сантиметри во пречник. Тука особено теба да се припази на контрацептивните таблети.
  • Жените се со поголем ризик од проширени вени и капилари. Голем придонес кон оваа појава имаат хормоналните промени во бременоста или во менопаузата.
  • Стареење е вашен фактор на ризик за настанувањето на проширените вени. Тоа доведува до послаба еластичност на вените и венските залистови, кои го регулираат протокот на крвта.
Превенција

Кажете ДА на:

Прошетките, спортот, туширањето со млада вода, здравата исхрана, одморот со подигнати нозе, еластичните чорапи, посетата на лекарот, веќе при први знаци на болеста.

Кажете Не на:

Предолгото седење, особено со вкрстени нозе, предолгото стоење, зголемената тежина, пушењето, претоплата купка, тесната облека, долгото сончање, сауната, депилацијата со врел восок, масната исхрана.