Кога се спроведува неоадјувантна хемотерапија кај ракот на дојката? Печати

Неоадјувантната хемотерапија се применува пред оперативниот третман (предоперативна хемотерапија).

Целта на овој вид хемотерапија е да ја намали туморската маса и да го претвори, првично неоперабилниот тумор, во операбилен.

Неоадјувантната хемотерапија обично се спроведува со 3 до 4 циклуси на хемотерапија (цитостатици), после кои следи оперативниот третман.

Лекувањето по оперативниот третман продолжува со дополнителни 3- 4 циклуси на хемотерапија и со радиотерапија.

Нема сигурни докази дека постои разлика во должината на преживувањето ако истата хемотерапија се даде пред, отколку по операцијата, за пациентките со првично операбилни карциноми на дојката. Но, неоадјувантната хемотерапија овозможува примена на поштедна операција, односно, во некои случаи, може да се зачува дојката, а само да се извади туморот со дел од здравото ткиво. Односно, со неоадјувантанта хемотерапијата, може да се намали потребата од радикална мастектомија (отстранување на целата дојка).

Честопати неоадјувантната хемотерапија се применува кај жени со големи тумори, кај кои мастектомијата може да биде тешка за изведување, или кај жени со големи тумори, кај кои зачувувањето на дојката не е можно во моментот, но би било можно ако туморите би биле помали, што се и постигнува со примената на неоадјувантанта хемотерапија.

Неоадјувантната хемотерапија треба да се земе во предвид за жените со големи малигни тумори, бидејќи таа ја подобрува стапката на зачувување на дојката и не е негативна во однос на долготрајниот исход на болеста.