Примарен рак на црниот дроб Печати

Хепатоцелуларниот карцином е најчест тип на карцином, кој примарно настанува во црниот дроб, а се јавува како последица на малигната трансформација на хепатоцитите (клетки на црниот дроб).

Посебна карактеристика на хепатоцелуларниот карцином е значителната разлика на неговата инциденца во различни делови на светот. Околу 85% од сите регистрирани случаи се забележени во регионите на Источна и Југоисточна Азија и во некои делови на Африка, а тоа се подрачја каде инфекцијата со вирусот на хепатитот Б е ендемична.

Основната причина за појавата на хепатоцелуларниот карцином не е позната. Заболувањето е резултат на делувањето на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на хепатоцелуларниот карцином кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Значајните географски разлики во однос на зачестеноста на хепатоцелуларниот карцином укажуваат на важноста на факторите на средината во настанувањето на ова малигно заболување.

На прво место меѓу нив е инфекцијата со хепатитис Б вирусот (HBV) и внесувањето на микотоксичниот токсин - афлатоксин.

Корелацијата помеѓу инфекцијата со HBV и појавата на хепатоцелуларниот карцином е демонстрирана кај експерименталните животни, а многу епидемиолошки студии го потврдуваат овој факт.

Ризикот за појава на хепатоцелуларен карцином е 100 пати поголем кај носителите на вирусот на хепатитот Б и туморот се јавува, воглавно паралелно со преваленцата на вируот на хепатитот Б.