Лабораториска анализа на крвта Печати

Доволна е само една капка крв за да се провери крвната слика. Крвната слика, како што велат лекарите, е огледало на нашето здравје. Затоа е корисно повремено да ја проверуваме крвната слика.

Крвта се состои од плазма и од крвни клетки (црвени и бели крвни зрнца и крвни плочки).

Кога станува збор за лабораториско испитување на крвта, тоа подразбира два вида на анализи.

Едните анализи се состојат во испитување на видот, бројот, односот и изгледот на крвните елементи (црвени и бели крвни зрнца и крвни почки). Таа анализа е позната како крвна слика.

Со другите анализи се проверува биохемискиот состав на крвта и врз основа на тие анализи се утврдува функцијата и состојбата на поедни органи и ткива.

За да се провери крвата слика доволно е да се земе крв од прстот, додека за поопсежните биохемиски анализи на крвта, потребно е да се земе крв од вена на раката.

Хемограм (крвна слика)

Еритроцити (црвени крвни зрнца)

Намалениот број на црвени крвни зрнца (еритроцити) и намаленото ниво на хемоглобин во крвта може да ни укажат на присутна слабокрвност или анемија. Енормното зголемување на црвените крвни зрнца, исто така, може да биде показател на повеќе заболувања.

Леукоцити (бели крвни зрнца)

Зголемениот број на бели крвни зрнца (леукоцити) во крвта е знак за воспаление или за постоење на некое воспалително жариште скриено во организмот (гранулом на заб, воспаление на мочниот меур – цистит, бактериска инфекција на мочните патишта и друго), но е знак и за некои други посериозни заболувања.

Намалениот број на бели крвни зрнца односно леукопенијата најчесто е знак за вирусна инфекција, но може да се јави и при земање на одредени лекови, а е знак и за некои потешки заболувања. Леукопенијата не се лекува, туку се лекува причината која довела до појава на леукопенија односно до намален број на леукоцити во крвта.

Тромбоцити (крвни плочки)

Зголемениот број на тромбоцити т.е. крвни плочки во крвта, може да ни укаже на ризик за појава на тромби, бидејќи тромбоцитите учествуваат во згрутчувањето на крвта и во запирањето на крварењето.

Лабораториските анализи се неопходни за да се постави точна дијагноза на одредено заболување. Земањето на крвта трае многу кратко и скоро е безболно.

За повеќето лабораториски анализи на крвта не е потребна некоја посебна припрема. Сепак, за да се добијат поточни резултати обично се препорачува да не се јаде 12 часа.

Од лабораториски анализи се прават: анализа на крвта и на мочката. Со овие анализи може да се види состојбата и функцијата на бубрезите, црниот дроб, коскената срцевина, панкреасот.

Како функционира црниот дроб и каква е неговата состојба покажуваат неколку анализи на крвта, како мерење на нивото на ALT, AST, гама GT и билирубин. Зголемените вредности на било кој од овие анализи укажуваат на оштетување на црниот дроб, но и на некои други заболувања. така на пример, зголемените вредности на билирубинот во крвта укажува на опструкција (зачепување) на жолчните патишта, а зголемените вредности на AST во крвта може да бидат показател на некое мускулно заболување.