Што е остеопороза Печати

Лесната кршливост на коските е предизвикана, најчесто, од остеопорозата.

Остеопорозата е метаболно заболување на коскениот систем, чија основна карактеристика е намалување на коскената маса по единица волумен и структурни нарушувања во самото коскено ткиво. Тоа доведува до постепено намалување на еластичноста на коските и до појава на скршеници, посебно во пределот на бутот и зглобовите. Овие скршеници се јавуваат и при мал физички напор или повреда.

Во потешките форми на остеопороза може да дојде и до искривување на 'рбетот.

При остеопорозата постои зголемена порозност на коските.

Коската е живо ткиво. Во најголем дел е изградена од колген (протеин кој оформува мека мрежа) и калциум фосфат (минерал кој ја зацврстува и зајакнува структурата на коската). Комбинацијата на колаген и калциум ја прави коската и еластична и цврста, што и помага на коската да го издржи механичкиот стрес. Повеќе од 99% од калциумот во телото е сместено во коските и забите. Останатиот 1% се наоѓа во крвта.

Коската е метаболно многу активен орган во кој постои рамнотежа меѓу процесот на разградување односно ресорпција и процесот на изградување на нова коска (ремоделирање).

Коските на човекот претставуваат живо ткиво, кое се заменува со ново, во текот на целиот живот.

Во човековото тело постојат таканаречени "остеокласти", кои се задолжени да го отстрануваат остареното коскено ткиво, и таканаречени "остеобласти", чија задача е да го градат новото коскено ткиво, кое го заменува старото. Човекот ќе има силно и здраво коскено ткиво само кога постои рамнотежа во работата на "остеокластите" и "остеобластите".

За жал, поради одредени биолошки специфичности и поради неправилен начин на исхрана доаѓа до нивна нерамнотежа. Таа нерамнотежа е причина што жените во менопаузата губат 3% од коскената маса за три години.

Во текот на животот, стариот коскен материјал се отстранува (ресорпција) и се формира нов коскен материјал (формација). За време на детството и тинејџерските години новиот коскен материјал се создава побрзо отколку што се ресорбира стариот коскен материјал и, како резултат на тоа коските стануваат поголеми, потешки и погусти. Овој однос се задржува сè до 30-тата година кога се постига највисока коскена маса (максимална коскена густина). По тој период постепено процесот на ресорпција на старо коскено ткиво го надминува процесот на создавање ново коскено ткиво.

Кај жените губењето на коскено ткиво е најбрзо во првите години по менопаузата и продолжува во пост-менопаузниот период. Остеопорозата која главно се јавува кај жените, но исто така, ќе се јави и кај мажите кога ресорпцијата на коскеното ткиво се случува пребрзо или замената на старото ткиво со ново се случува пребавно.

По 35-тата година, жената губи повеќе коскена маса отколку што може да надомести.

Според медицинските податоци, жените почнуваат да ја губат коскената маса по 35-тата година од животот и тоа за 1% секоја година.

По 50-тата година од животот загубата е 1,5% годишно.

Остеопорозата се јавува кај 30% од жените на возраст над 60 години.

Во Македонија, 7% од жените над 50 годишна возраст патат од остеопороза.

Поради брзото ширење на остеопорозата во светот, таа се нарекува и „тивка епидемија“.

Остеопорозата е голем здравствен проблем, посебно кај постарата популација.

Од остеопорозата почесто заболуваат жените отколку мажите. Така од сите заболени од остеопороза, околу 68% се жени.

Покрај заболените од остеопороза, уште поголем број на луѓе имаат намалена густина на коскената маса, со што и тие имаат зголемен ризик за развој на оваа болест.

Една од секои две жени на возраст над 50 години има скршеница поврзана со остеопороза.

Мажите не се поштедени од остеопороза; секоја година милиони мажи заболуваат од остеопороза и милиони се со ризик да заболат.

Секоја година илјадници мажи доживуваат скршеница на колкот поврзана со остеопороза и една третина од нив умира од комликации на таа скршеница во тек на една година.

Кај мажите остеопорозата најчесто се јавува по 70-тата година.

Но, остеопорозата може да се јави на било која возраст.

Според лекарите, остеопорозата е е доста често заболување, но ретко се открива, затоа што таа во раниот стадиум не покажува никакви симптоми, но постепено ја намалува еластичноста на коските, правејќи ги лесно кршливи - посебно во пределот на бутот и зглобовите.

Болеста најчесто се констатира при повреда или скршеница и затоа се нарекува „тивка епидемија“.

Остеопоротичните скршеници (фрактури) се сериозна причина за морбидитет и морталитет во развиените земји. Во иднина се очекува уште поголемо зголемување на бројот на заболени од остеопороза поради продолжување на животниот век на човекот.

За да се спречи зголемувањето на бројот на заболени, лекарите предупредуваат да се внесува повеќе калциум и да се практикува поголема физичка активност. Тие напоменуваат дека само со превентива може да се намали бројот на заболени жени од оваа болест.

Правилната исхрана со доволно внесување на калциум и витамин Д, како и редовните физички вежби многу придонесуваат за одржување на коскената густина и намалување на губитокот на коската.

Вежбите треба да се започнат на 45-50 годишна возраст, бидејќи подоцна телото неможе да се привикне на овие вежби и често жената се откажува.

Опасноста од остеопороза е поголема кај жени кои не се физички активни.

Според статистиките, остеопорозата е причина за 90% од скршениците кај луѓето над 60-годишна возраст, а кај 40% од популацијата над 60 годишна возраст е присутна парадентоза (болест која доведува до испаѓање на забите).

Основната причина за загубата на коскената маса кај жените во периодот на менопаузата е недостигот од женскиот полов хормон естроген, а во постменопаузата зголеменото присуство на парат-хормонот, намалената концентрација на витаминот Д и лошата апсорпција на калциумот во тенкото црево на возрасниот човек.

Појавата на остеопорозата може да ја забрза и неконтролираната употреба на разни лекови, како што се кортикостероиди или лекови што ја намалуваат зголемената желудечна киселина. Последните содржат алуминиум, кој се врзува за калциумот и го исфрла со фосфорот преку мочката. Алуминиумот се таложи во коските и предизвикува остеомалација - омекнување на коските.

Не се препорачува готвење во алуминиумски садови бидејќи алуминиумските оксиди се токсични за организмот.


Епидемиологија на остеопорозата

Според податоците на Светската Здравствена Организација (СЗО), остеопорозата го зазема четвртото место по кардиоваскуларните заболувања, ракот и мозочниот удар.

Денес од остеопороза се заболени околу 25 милиони луѓе, претежно жени.

Остеопорозата предизвикува 1.5 милиони фрактури годишно, од кои околу 500 000 се краш фрактури на пршлените, повеќе од 250 000 се фрактури на колкот и околу 200 000 се фрактури на коската на подлактицата (фрактура на радиус).

Фрактурите кои се јавуваат поради остеопорозата се одликуваат со следново:

  • нивна инциденца расте со возраста. Така овие фрактури се 2 до 100 пати почести кај лица постари од 35 години, во споредба со помладите лица,
  • почести се кај жените отколку кај мажите,
  • последица се на мали, незначителни повреди.

Директните и индиректните трошоци поврзани со остеопорозата и фрактурите поврзани со остеопорозата се многу високи. Така на пример, во САД годишно се издвојуваат 18 милијарди долари за терапија и рехабилитација на пациенти со фрактури поради остеопороза.

Максималната густина на коскената маса зависи од:

  • генетските фактори,
  • факторите на раст, вклучувајќи ги тука и ендокрините и нутритивните фактори,
  • механички фактори.

Коскената маса се зголемува со растењето и финалната големина на скелетот е генетски одредена. Количината на коските која настанала во текот на растот може да биде модифицирана од многу фактори, како што се: хроничните болести, исхраната (посебно од количината на калициумот во исхраната), од физичката активност и од хормонскиот статус.

Било кој од наведените фактори може да влијае на промена на количината на коскената маса.

Максималната цврстина на коскената маса се постигнува во 17-тата година кај девојчињата и во 20-тата година кај момчињата. Оваа масимална цврстина на коскената маса останува стабилна во текот на репродуктивниот период на жената, и кај мажот до 5-тата деценија од животот, иако ова може да варира во поедини делови на скелетот.

Механичкото оптеретување претставува главна компонента во одредувањето на статусот на скелетот во текот на животот, што станува посебно важно во понапреднатите години од животот.

Кај жените, коскената маса почнува драматично да се намалува со намалувањето на функцијата на јајниците пред менопаузата.

Губитокот на коскената маса поврзан со староста започнува покасно и ги зафаќа и двата пола.

Самиот губиток на коските не предизвикува симптоми и, поради тоа, докажувањето на губитокот на коскената маса мора да биде од страна на лекар.


Фактори на ризик

Одредени фактори на ризик се поврзани со развојот на остеопорозата и голем број од заболените од остеопороза имаат истовремено неколку фактори на ризик.

Сепак, кај одреден број на заболени не се познати ризик факторите кои допринеле да се јави болеста.

Постојат одредени фактори на ризик за развој на остеопороза на кои можеме да делуваме и на тој начин да го спречиме ова заболуавање.

Од друга страна постојат и фактори на ризик на кои не можеме да влијаеме и не можеме да ги контролираме.

Шансите за појава на остеопороза се поголеми кај жените во однос на мажите.

Тоа е затоа што жените имаат помалку коскено ткиво и го губат побрзо од мажите, пред се поради хормонските промени кои се случуваат со менопаузата.

Со самото стареење се зголемува ризикот од остеопороза. Така коските со тек на време стануваат потенки и послаби. Ова важи и за двата пола.

Фактори на ризик за настанување на остеопороза во текот и после менопаузата се:

  • Расна припадност: Остеопорозата почесто се јавува кај припадниците на белата раса и кај азијатите, отколку кај припадниците на црната раса.
  • Позитивна фамилијарна анамнеза: Скршениците можат да бидат и делумно наследни. Така, лица кои имаат членови од своето семејство со историја на фрактури, исто така може да имаат намалена коскена маса и со тоа имаат и поголем ризик за настанување на фрактури.
  • Мал раст и ниска телесна тежина (грацилен тип).
  • Жени кои не раѓале (нероткињи).
  • Рана менопауза (јатрогена - хируршка, зрачна или медикаментозна).
  • Намалена функција на јајниците пред менопаузата: аменореа кај атлетичарки, хиперпролактинемија, анорексија нервоза (оваа заболување значително ја зголемува опасноста од остеопороза) и слично.

Фактори на исхраната

  • консумирање на поголеми количини на кофеин (повеќе од 5 кафиња на ден),
  • исхрана богата со белковини,
  • прекумерно внесување на сол (повеќе од 5 грама дневно),
  • прекумерно внесување на фосфати,
  • намалено внесување на калциум и витамин Д - долготрајното недоволно внесување на калциум и витамин Д ги прави коските склони кон остеопороза .

Фактори на ризик поврзани со начинот (стилот) на живот

  • физичка неактивност – ризикот од појава на остеопороза е поголем кај лица кои не се физички активни,
  • прекумерно консумирање на алкохол - алкохолот го зголемува ризикот од губење на коскена маса и фрактури,
  • пушење - цигарите се штетни за коските, исто како и за срцето и белите дробови,
  • примена на одредени лекови - долготрајна употреба на некои лекови како што се: кортикостероидите и некои антиепилептици може да доведат до губење на коскено ткиво и појава на фрактури.

Симптоми

Остеопорозата често е нарекувана „тивка болест“ бидејќи губењето на коскена маса се случува без никакви симптоми. Луѓето најчесто не знаат дека имаат остеопороза се додека нивните коски не станат толку слаби да при движење или изненаден мал пад не се скршат.

Најчесто се јавуваат скршеници на колкот и колапс на телото на прешленот од `рбетниот столб.

Скршеницата на коската се јавува како последица на слаби механички удари, па дури може да се јави и при нагло движење. Ова е пропратено со чувство на јака коскена болка, поради која и пациентите се јавуваат на лекар.

Бидејќи фрактурите предизвикани од остеопорозата се јавуват кај постари лица, кои имаат намалена способност за стварање на ново коскено ткиво, тие потешко зараснуваат. Пациентите се принудени да лежат во постела долго време. Често кај пациентите, било поради возраста или пропратните хронички заболувања, неможе да се изврши хируршки зафат кој ќе ја санира фрактурата.

Поради долготрајното лежење во постела кај пациентите често доаѓа до развој на хипостатска пневмонија и до појава на венска тромбоза.

Често овие компликации се и главни причини за смрт кај пациентите со остеопоротични фрактури.


Дијагноза на остеопороза

Во поставувањето на дијагнозата има важна улога општиот лекарски преглед, што подразбира земање на детална анамнеза од пациентот и физикален преглед по системи.

Пациентот го информира лекарот за присутните фактори на ризик, кои може да довеле до развој на остеопороза, како и за евентуално присутните симптоми и знаци на болеста.

Лекарот по деталната анамнеза и физикален преглед назначува одредени дијагностички постапки со кои може да се докаже остеопорозата.

Во дијагностички постапки за остеопорозата спаѓаат:

  • рендгенско снимање на коските,
  • сцинтиграфски преглед на скелет,
  • лабораториски тестови,
  • тестови за одредување на коскената густина.

Рендгенско снимање на коските

Ова е најмалку осетлива метода, бидејќи губитокот на коската е видлив на рендгенска снимка само кога е коскената маса намалена 30-50%.

Според тоа, со рендгенграфијата неможе да се постави дијагноза во почетниот стадиум на остеопорозата.

Кај пациенти кај кои не постои остеопоротична фрактура, туку само намалена коскена густина, рендгенграфијата може да даде и нормален наод, бидејќи со оваа метода може да се дијагностицира остеопорозата само ако постои губиток на коскена маса повеќе од 30%.

Според тоа, оваа дијагностичка метода не е погодна за рано откривање на остеопорозата.

Кај понапреднатите промени, рендгенграфиите на `рбетниот столб можат да прикажат промени на прешленските тела и присутни фрактури.

Радиолошката дијагноза е значајна кога постои:

  • сомневање за остеопоротична фрактура,
  • намалена телесна висина повеќе од 4 cm,
  • акутна коскена болка,
  • клиничко сомневање за остеопороза, при постоење на уреден DEXA наод.

Мерењето на BMD so DEXA методата и понатаму претставува златен стандард за раната дијагноза на остеопорозата.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Кај некои пациенти треба да се направи и сцинтиграфски преглед на скелетот.

Овие тестови се користат и за дијагностицирање на рак на коските, коскени лезии, воспаленија и сл.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Сцинтиграфијата на скелетот е прецизна дијагностичкса метода со која може да се откријат и најмали промени.

Оваа дијагностичка постапка е различна од тестовите за одредување на коскена густина.

Лабораториски тестови

Кај секој пациент, кај кои постои сомневање за остеопороза, треба да се направат одредени лабораториски испитувања на крвта и мочката.

Лабораториски испитувања на крвта

Првично се изведуваат рутински лабораториски испитувања на крвта. Во рутински испитувања на крвта спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај ова, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите, посебно нивото на калциум во крвта.

Најчесто употребувани лабораториски тестови кои се изведуваат за откривање и пратење на остеопороза се:

  • ниво на калциум во крв,
  • ниво на витамин Д во крв,
  • тироидна функција,
  • ниво на паратироидни хормони,
  • ниво на естроген кај жени,
  • утврдување на ниво на фоликуло-стимулирачки хормон ( за утврдување на менопауза),
  • ниво на тестостерон кај мажи,
  • одредување на остеокалцин, за испитување на формирањето на ново коскено ткиво.

Се прави и испитување на 24-часовна мочка, за одредување на метаболизмот на калциум.

Тестови за одредување на коскена густина

DEXA (Dual Energy X-ray Absorptiometry) - тест за мерење на густината на коските

Остеодензитометрија или DEXA (Dual Energy X-ray Absorptiometry) е златен стандард во дијагностиката на остеопорозата.

Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизно мерење на коскената густина. Со неа може да се открие остеопорозата во најраните фази, кога и терапијата е поуспешна и кога е можно да се спречи појавата на фрактури.

Со оваа метода може да се одреди ризикот од фрактури кај одреден пациент, а исто така и да се следи ефектот од применетата терапија.

При оваа дијагностичка метода постои минимално озрачување на пациентот. Ова е неинвазивна метода, односно за нејзино спроведување не се потребни претходни припреми на пациентот, ниту давање на одредени контрасни средства или седативи.

Со DEXA апаратот, покрај тоа што се овозможува поставување на рана и сигурна дијагноза на остеопорозата, се овозможува и пратење на ефектот од применетата терапија.

Прегледот е безболен и едноставен за пациентот, и трае околу 15-20 минути.

Иако при оваа дијагностичка процедура се користат X-зраци, озрачувањето на пациентот е минимално, дури 150 пати помало од озрачувањето при рендгенграфско снимање на белите дробови.

Прецизноста на апаратот е многу голема. Самиот апарат има еден дел кој се се движи, така да пациентот не мора да ја менува својата положба, што е многу важно за пациентите со голем степен на инвалидитет или со постоечки фрактури.

За да се постави рана дијагноза на остеопорозата треба да се направи мерење на минералната коскена густина (BMD) во gr/cm2 со помош на DEXA методата, која е базирана на нискоенергетско рендгенско зрачење.

Мерењето се врши на слабинските `рбетни прешлени и колкот или на двата колка, зависно од можностите на апаратот. Добиените резултати се споредуваат со вредностите на коскената густина на здраво лице, на возраст од 30 години (Т-збир изразен во СД - стандардна девијација) и со вредностите на коскената густина на лице со иста возраст (Z- збир изрзен во СД).

Т-збирот, врз основа на кој се поставува дензитометриската дијагноза на остеопорозата, претставува отстапување на измерената вредност на BMD (bone mineral density – минерална коскена густина) од средната коскена густина на младите, здрави лица од ист пол (средна вредност на BMD на 30 годишњак).

Т-збирот се изразува во стандардни девијации (СД).

Стандардна девијација (СД) 1 значи губиток на коскена маса за 10%.

Норален наод на Т-збирот е до 1. Вредности на Т-збирот од 1 до 2.5 укажуваат на присутна остеопенија или намалена коскена густина, додека пак вредности на Т-збирот од 2.5 и повеќе укажуваат на присутна остеопороза.

BMD е најважен фактор за проценка на ризикот од фрактура (намалување на BMD е сигурен и независен фактор на ризик за фрактура), за селектирање на лицата кои треба да се лекуваат, како и за проценка на терапискиот ефект.

Дензитометриска дијагноза на остеопорозата према препораките на Светската Здравствена Организација (СЗО)

Нормална коскена густина

Т-збир +1СД до –1СД

Остеопенија

Т-збир –1СД до –2, 5СД

Остеопороза

Т-збир помал од -2, 5 СД со присутни фрактури

Според Интернационалното здружение за клиничка дензитометрија (ISCD), резултатите од мерењата може да ги протолкува само лекар кој е обучен за работа на дензитометрија.

Периферната DEXA-ја мери минералната густина на коската на петата (кај постменопаузална остеопороза) и на подлактицата (кај сенилна остеопороза, хиперпаратиреоидизам).

Периферната остеодензитометрија е корисна метода за тешко подвижните или неподвижните болни, како и за оние кои имаат изразени дегенеративни промени, деформации или компресивни фрактури на слабинските прешлени.

Индикации за BMD тестирање се:

  • сите жени во постменопауза, помлади од 65 години и со присутен еден или повеќе фактори на ризик,
  • сите жени постари од 65 години,
  • жените во постменопауза со присутни фрактури, со цел да се процени тежината на болеста и да се прати ефектот од применетата терапија,
  • мажи од 70 години и постари, кај кои постои клиничко сомневање за остеопороза,
  • пратење на ефектот од лекувањето (по 1 до 2 години од применетата терапија).

Мерењето на BMD не треба да се прави:

  • како скрининг метода,
  • кај постменопаузални жени кои немаат фактори на ризик,
  • за поставување на дијагноза на остеопорозата, кога е таа јасна (присутни фрактури на прешлените),
  • како дијагностички метод во испитувањето на болката,
  • кај лица постари од 80 години со присутни фрактури и лоша општа состојба.

Подготовка за прегледот

За самиот преглед не се потребни посебни подготовки на пациентот, но важно е пациентот да не јаде или пие било што што може да содржи калциум или магнезиум (на пр. млеко) еден ден пред прегледот.

Изведување на прегледот

DEXA е безбедна и безболна метода, при која не се употребуваат инекции, средства за смирување и сл. За време на прегледот пациентот лежи на маса, нормално облечен, додека системот скенира еден или повеќе делови од коскениот систем (обично долниот дел на рбетот или карлицата).

Принципот на функционирање на DEXA е со рентген зраци, но зрачењето при прегледот е помало од онаа при снимање со рентген на градниот кош.

За изведување на DEXA се потребни посебни просторни услови и посебно обучен персонал. Самиот преглед го изведува специјалист, најчесто радиолог, кој е посебно обучен за изведување на тестот. Тестот трае околу 15-20 минути и резултатите се достапни речиси уште истиот ден.

Ултразвучна остеодензитометрија

Ултразвучна остеодензитометрија е брза и економична метода која не користи рендген зраци, поради што и пациентот не се озрачува за време на постапката.

Мерењето се врши на коската на петата. Се мерат 3 параметри и се пресметуваат во очекуван Т-збир. Оваа метода има значење како скининг метода, важна е за епидемиолошки студии, а посебно е важна за проценка на ризикот од фрактура.

Не може да се постави дијагноза на остеопороза врз ознова на ултразвучна остеодензитометрија, туку само врз основа на мерење на BMD на скелетот.

Ако Т-збирот е помал од – 1.0 и се присутни фактори на ризик, обавезно треба се направи мерење на коскената густина (BMD) на скелетот со DEXA методата.

Квантитативна Компјутерска Томографија (ККТ)

Квантитативната компјутерска томографија е брза, неинвазивна метода за одредување на густината на коскеното минерализирано ткиво, која користи компјутерска томографска (КТ) технологија.

Квантитативната компјутерска томографија детектира намалена густина на коскено ткиво и, исто така, со неа може да се следи ефектот од терапијата.

За време на прегледот се испитуваат `рбетниот столб и карлицата за утврдување на намалена густина на коскеното ткиво, односно остеопороза. ККТ е единствениот преглед со кој е можен тродимензионален коскен преглед.

Со ККТ се одредува посебно густината на метаболно-активниот дел од коската-трабекуларниот дел и посебно цврстиот, надворешен дел на коските.

Бидејќи „мекиот“ дел од коските е порано зафатен од остеопороза во однос на цврстиот дел, ККТ овозможува поставување на дијагноза на остеопороза во најраните фази.

Подготовка за прегледот

За изведување на прегледот не се потребни посебни подготовки на пациентот. Потребно е пациентот да не носи метални објекти при изведување на прегледот.

Изведба на прегледот

Пациентот лежи нормално облечен на маса, над која се наоѓа апаратурата на ККТ. ККТ работи на принцип на рентген зраци, но зрачењето е минимално. Коскената густина се одредува и на рбетниот столб и на карлицата, бидејќи коскената минерализација не е иста во сите коски во телото. Така додека во некои коски, коскената густина е нормална, во други делови може да има остеопороза и со тоа зголемена склоност кон скршеници. ККТ прегледот трае околу 15 минути.


Превенција

Остеопорозата е болест на цивилизацијата, која цивилизираниот човек непотребно ја забрзува со неправилна исхрана. Таа е прогресивно заболување, кое се карактеризира со намалување на коскената маса, коските стануваат крти и лесно се кршат.

Остеопорозата може да се превенира со адекватна исхрана т.е. со внесување на доволни количини на калциум со храната, како и со редовна физичка активност.

Исхрана

Калциум

Долготрајно неадекватно внесување калциум допринесува за развој на остеопороза. Многу клинички студии укажуваат дека нискиот внес на калциум е поврзан со намалена коскена маса, брзо губење на коскена маса и честа појава на фрактури. Исто така овие студии покажуваат дека голем број на луѓе внесуваат помалку од половина од дневните количини на калциум.

Која храна е најдобар извор на калциум?

Млекото, особено обезмаснетото, и другите млечни производи се најдобар извор на калциум, како и храна збогатена со калциум и конзервирана риба.

Количина на калицум во одредени хранливи продукти:

  • 1 чаша јогурт со ниска масленост: 414 мг.
  • 250 мл. обезмаснето млеко: 302мг.
  • 250 мл. збогатен со калциум сок од портокал: 300мг.
  • 2 парчиња леб збогатен со калциум: 300 мг.
  • 90 гр. сардини: 300мг.
  • 30 гр. сирење: 200 мг.
  • 90 гр.конзервиран лосос: 211 мг.
  • 3 пченкарни тортиљи: 150мг.
  • 1/2 чаша сварени трупки: 98 мг.

Во зависност од внесот на калциум со храна, кај некои луѓе, доколку тој внес е недоволен, е потребно внесување на калциум преку суплементи.

Потребите за калциум се менуваат во текот на животот. Телото има поголема потреба за калциум во детството и пубертетот, кога скелетот рапидно расте, во тек на бременост и доење.

Жените во постменопауза и постарите мажи исто така имаат поголема потреба за калциум.

Со самото стареење се намалува способноста на телото за апсорпција на калциум и останати хранливи материи. Исто така, постарите лица често имаат хронични заболувања и употребуваат лекови кои можат да ја намалат апсорпцијата на калциум.

Витамин Д

Витаминот Д игра важна улога во апсорпцијата на калциум и во одржувањето на здрави коски. Витаминот Д се создава со изложување на кожата на сонце. Човечкото битие добива 90% од своите потреби за витаминот Д од сончевата светлина. Животот се повеќе се концентрира на активности врзани за затворени простори и при тоа предизвикува помала изложеност на организмот на сончева светлина. Тоа доведува до недостаток на витаминот Д, а со тоа и до поголем ризик од развој на остеопроза.

Луѓето кои живеат во региони каде има долги зимски периоди, како и постарите лица потребно е да внесуваат витамин Д во вид на суплементи.

Дневните дози на витамин Д се 400 до 800 интернационални единици.

Сепак, не се препорачува внесување на витамин Д во големи дози.

Физичка активност

Со вежбање мускулите и коските стануваат посилни. Секојдневната умерена физичка активност ја намалува опасноста од појава на остеопороза.

Лекови кои предизвикуваат губење на коскена маса: Долготрајната употреба на кортикостероиди (лекови кои се користат во третманот на голем број заболувања како: артритис, астма, автоимуни заболувања и голем број на болести на белите дробови, бубрезите и црниот дроб) можат да доведат до намалување на коскената густина и фрактури.

Исто така, губење на коскено ткиво може да се јави од долготрајна употреба на некои анти-епилептични лекови, гонадотропин-ослободувачки хормони, одредени лекови против карцином и прекумерна употреба на тироидни хормони.


Препораки

Како да се спречи остеопорозата

  1. Да се прекине пушењето.
    Никотинот од цигарите предизвикува метаболни нарушувања, кои негативно влијаат на работата на јајниците. Чадот од цигарите го поттикнува црниот дроб да го уништува естрогенот и да го блокира искористувањето на калциумот, со што ги ослабнува коските.
  2. Да се намали консумирањето на алкохолот на само една чаша дневно,
  3. Да се намали консумирањето на кафе до две шолји дневно.
  4. Да се намали пиењето на безалкохолни газирани напитоци (било да се со многу шеќер или со кофеин) поради големото присуство на фосфор.
    Фосфорот во напитоците го нарушува неопходниот баланс на калциумот и на фосфорот во организмот, кој треба да биде во однос 5:2 (во корист на калциумот).
    Нарушениот сооднос доведува до дефицит на калциумот, што е фактор на ризик за појава на остеопорозата.
  5. Да се внесуваат доволно млечни производи со исхраната (јогурт, кисело млеко, соино млеко и сирење од соја).
    Млечните производи се добар извор на калциум, кој е неопходно потребен за коските. Мора да се напомене дека колку и да земаме калциум преку храната, тој нема оптимално да се искористи кај жените пред и по менопаузата поради ниското количество естрогени. За таа цел во лекувањето на остеопорозата и климактеричните тегоби значителна улога имаат таканаречените фитоестрогени (растителни естрогени), кои главно се наоѓаат во сојата и гравот и затоа треба да најдат место во исхраната на таа популација.
    Присуството на егзогените ензими е неопходно во исхраната на сите, а посебно за луѓето со остеопороза.
    Затоа редовно треба да се консумираат свежо исцедени сокови од свеж зеленчук покрај свежите салати. Треба да се консумираат разни чаеви, поленов прав, матичен млеч во лиофинизирана форма, коензимот Ку10, ѓумбирот и каранфилчето.
    Особено е важно исхраната во овој период ги содржи потребните минерали (бакар, цинк, бор), бидејќи доаѓа до непотребна деминерилизација на коските - фактор на ризик за остеопорозата.
    Организмот го дополнува недостигот од потребните минерали наместо од храна, од коските и затоа доаѓа до нивна деминерилизација.
    Жените во постменопауза треба да земаат и одредено количество калциум како препарат, но само по препорака на лекарот.
  6. Во исхраната треба да бидат присутни и гравот, зелката, морковите, цвеклото, зелените лиснати зеленчуци, магдоносот, лукот, кромидот и сојата.
  7. Треба да се пијат доволно течности (1.5 литри).
  8. Треба да се практикуваат редовни физички вежби и други физички активности.