Дознајте се за хепатитот Ц познат и под името „тивка епидемија“ Печати

Хепатитот Ц уште е познат и под името „тивка епидемија“. Милиони луѓе ја имаат оваа болест, но многу од нив не се ни свесни за тоа, бидејќи немаат никакви симптоми и знаци на болеста дури и со децении по инфицирањето со вирусот на хепатитот Ц.

Како пример само, според истражувањата на Американскиот Национален Институт за Здравје, околу 1.8% од американската популација (или околу 3.9 милиони Американци) се заразени со вирусот на хепатитот Ц.

„Хепатитис“ е латински збор и значи „воспален црн дроб“. Воспалението на црниот дроб често е предизвикано од вирус. Додека голем дел од вируси можат да го зафатат црниот дроб ширејќи се низ телото (на пример, вирусот на инфективната мононуклеоза), примарна мета на вирусите на хепатитот е црниот дроб.

Постојат 5 типа на хепатити, но чести се само 3 типа на вируси на хепатит: А, Б и Ц.

Во САД, хепатитот Ц е најчеста хронична инфекција која се пренесува преку крвта.

Сите типови на вируси на хепатитот можат да се пренесат од едно на друго лице, иако начините на пренесување на инфекцијата можат да бидат различни кај секој тип на вирус.

Хепатитот А може да се пренесе преку загадена вода и храна, додека вирусите Б и Ц може да се пренесат преку контакт со крвта од заразено лице.

Вистини и Заблуди за хепатитот Ц

Што е хепатит Ц?

Кај повеќето луѓе заразени со вирусот на хепатит Ц се развива хроничен хепатит Ц.

Инфекцијата станува хронична, бидејќи имунолошкиот систем на организмот не е во состојба да ја уништи инфекцијата и вирусот. Кај голем број на луѓе, хепатитот Ц е асимптоматско заболување, а тоа значи дека кај нив не постојат симптоми и знаци на болеста. Тие може да немаат никакви симптоми и знаци на болеста многу години, па дури и децении по инфицирањето со вирусот на хепатитот Ц.

Никој неможе да предвиди дали ќе се јават симптомите во иднина.

Но, тоа што треба да се знае и да се потенцира е дека отсуствотот на симптоми не значи дека и хепатитот Ц ќе престане да го напаѓа и оштетува црниот дроб. Вирусот може да остане активен во телото без да предизвикува специфични симптоми. Така, некои луѓе и немаат симптоми сè додека не дојде до сериозно оштетување на црниот дроб.

Кои се симптомите на хепатитот Ц?

Хепатитот Ц се манифестира на различни начини, но може да биде и асимптоматски. Симптомите на хепатитот може и воопшто да не се присутни, сè додека не дојде до сериозно оштетување на црниот дроб. Но, може да постојат и симптоми, а да има само минимално оштетување на црниот дроб.

Затоа дијагностичките постапки, како што се на пример: анализата на нивото на ензимите во крвта, како и другите биохемиски анализи на крвта, потоа ехотомографскиот преглед и биопсијата црниот дроб, се многу важни за одредување на степенот на оштетеноста на црниот дроб.

Еве некои од најчестите симптоми на хроничниот хепатит Ц:

  • замор,
  • симптоми слични на симптомите на грипот: треска, главоболка, болка во мускулите и зголобовите,
  • мачнина, аверзија према одредени видови на храна, губиток на телесна тежина,
  • психички пореметувања, вклучувајќи ја и депресијата,
  • болна осетливост на абдоменот,
  • жолтица.

Овие и другите симптоми можат да бидат поврзани со болеста, но многу од нив се, исто така, јавуват и како несакани ефекти од применетата терапија.


Како хепатитот Ц делува на црниот дроб?

Црниот дроб (хепар) е најголем орган во нашето тело. Се наоѓа на горната десна страна на абдоменот, позади ребрата. Се состои од два дела т.н. лобуси: десен и лев.

Црниот дроб има бројни и многу важни животни функции, кои се битни за одржување на здравјето на човекот. Тој е еден вид на филтер на организмот, бидејќи ги отстранува токсините (штетните материи) и другите непотребни материи кои се создаваат во текот на метаболните процеси во организмот, а кои се влеваат во крвта. Во црниот дроб се прочистуваат отровните материи од крвта.

Со еден збор, хепарот е „чистач“на крвта, односно на целиот човечки организам. Здравиот црн дроб прочистува околу 540 литри крв дневно.

Црниот дроб, исто така, складира хранливи материи, како на пример одредени витамини, минерали и железо и има важна улога во создавањето и контролирањето на одредени хемикалии и протеини во телото, како што се холестеролот, хормоните и шеќерите. Тој е важен за регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, како и за синтеза на повеќе белковини кои циркулираат во крвта.

Црниот дроб помага и во варењето на храната, создавајќи супстанција наречена жолчка. Така, една од важните функции на црниот дроб е и продукцијата на жолчка, која е неопходна за разградување на мастите, а помага и во апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја тука и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К. Жолчката се складира во жолчното кесе и се излачува во почетниот дел на тенкото црево (дуоденум), при процесот на варењето на храната. Така жолчката помага во разградувањето, односно варењето на храната.

Вирусот на хепатитот Ц ги напаѓа клетките на црниот дроб (хепатоцитите). Вирусот ги користи хепатоцитите како свој домаќин, за да може да преживее и да се размножува. Организмот обидувајќи се да се одбрани од вирусот на хепатитот Ц, почнува да создава и испраќа лимфоцити (бели крвни зрнца) во црниот дроб, а тоа доведува до воспаление на црниот дроб.

Воспалението е вообичаена реакција на телото на присутната инфекција, но токму таа одбрамбена реакција на телото, со тек на време и преку одредени супстанции кои ги ослободуваат одбрамбените клетки на телото т.е. лимфоцитите, може да ги оштети и клетките на црниот дроб, односно хепатоцитите.

Кога доаѓа до оштетување на хепатоцитите, тие неможат нормално да функционираат и изумираат. Некои од оштетените хепатоцити можат да се обноват, репарираат, но поголемото оштетување на хепатоцитите може да доведе до фиброза (создавање на нефункционално, дегенирирано ткиво) на црниот дроб. Фиброзата ја намалува способноста на црниот дроб да ја филтрира крвта и да ги неутрализира и елиминира отровите. Со тоа се намалува детоксикацијата на некои отровни материи во крвта.

Терапијата може да помогне и таа го спречува понатамошното оштетување на црниот дроб или ја успорува прогресијата на болеста. Но, колку терапијата подолго време се одложува, поголема е веројатноста за појава на значајни и трајни оштетувања на црниот дроб.

Како што напреднува болеста, така се зголемува фиброзата на црниот дроб. Ова цврсто дегенеративно, нефункционално ткиво постепено заменува сè поголем дел од функционалното ткиво на црниот дроб, односно заменува сè поголем дел од хепатоцитите, кои изумираат. На местото на изумрените хепатоцити, се ствара фиброзното ткиво. Ова заболување се вика цироза.

Цирозата сериозно ја намалува нормалната функција на црниот дроб. Резултат на тоа е појава на бројни пореметувања во метаболизмот. Така, црниот дроб нема да биде во состојба да создава доволно жолчка, која е потребна за нормалното варење на храната. Намалената количина на жолчка ќе ја поремети и апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К.

Доколку е оштетен црниот дроб, постојат неколку важни чекори, кои треба да се превземат, со цел да се заштитат здравите клетки на црниот дроб.

Важни чекори кои треба да е превземат при оштетување на црниот дроб:

  • Избегнување алкохол
    Црниот дроб го третира алкохолот како отровна супстанција и, како таква тој тежнее да ја отстрани од организмот, односно од крвта, преку која алкохолот и доспева до црниот дроб. Кај лицата со хепатит Ц, алкохолот значително го зголемува оштетувањето на црниот дроб. Посебно е важно да се избегнува истовремено земање на алкохол и ацетаминофен (лек- аналгетик), бидејќи тоа може да доведе до дополнителни оштетувања на хепарот.
  • Јадење на здрава храна
    Кога хепарот е оштетен, телото не добива доволно хранливи материи. Затоа може да е присутен замор или општа слабост. Исто така, може да дојде и до губиток на апетит. Важно е да се задоволат дневните нутритивни потреби на организмот, за да може тој да обезбеди енергија за извршување на своите активности. Јадењето на здрава храна ја одржува и нормална телесна тежина на организмот.
  • Пиење на доволно вода
    Водата е од голема важност за нормалното функционирање на организмот. Таа е една од најважните супстанции во организмот, и не без причина се наоѓа на првото место во листата на најнеопходните состојки во организмот.
    Водата сочинува околу 70% од вкупната телесна тежина и тој процент мора константно да се одржува. Загубената вода постојано треба да се надоместува со секојдневно пиење на 1.5 до 2 литри вода.
    Таа се наоѓа во сите наши ткива, во клетките и околу нив, и учествува во сите телесни активности. Околу 93% од крвта се вода, течност којашто ја разнесува храната и другите потребни материи до секоја клетка, а ги прифаќа и ги исфрла отпадните материи од метаболизмот на нашето тело.
    Некои штетни материи внесуваме заедно со храната, со пијалоците и со лековите, но тие се внесуваат и преку кожата и органите за дишење. Потребна е вода да ги раствори и нив и, заедно со другите отпадни материи што се создаваат во целото тело, да ги пренесе до кожата, до белите дробови, до црниот дроб и до бубрезите кои ќе ги исфрлат надвор. Ако отпадните материи не се исфрлат од телото, тие предизвикуваат: замор, слабост, сонливост и сериозно го нарушуваат и го оштетуваат здравјето.
    Потребно е да се пие доволно вода за да се намалат и несаканите ефекти од терапијата.
  • Помалку сол во исхраната
    Кога станува збор за сериозни оштетувања на црниот дроб, телото испраќа сигнали во бубрезите, што доведува до тоа да тие ја задржуваат солта и водата. Солта се однесува како сунѓер, поради што доаѓа до задржување на течноста во организмот. Исхраната со малку сол може да помогне во намалувањето на задршката на течности во организмот.
  • Вакцинирање против вирусот на хепатит А и Б
    Кај лицата со хепатит Ц, инфицирањето со друг тип на вирус на хепатит може да предизвика уште поголеми оштетувања на црниот дроб. Иако не постои вакцина против вирусот на хепатит Ц, вакцината против вирусот А и Б може да ги заштити лицата од другите два вируси на хепатитот (А и Б).
  • Навремена и адекватна терапија
    Иако вирусот на хепатитот Ц може да доведе до дегенерација и воспаление на црниот дроб, терапијата обично помага. Дури и ако терапијата во целост не го уништи вирусот, таа го намалува воспалението и ја подобрува целосната состојба и функција на хепарот.

Како се добива хепатит Ц?

Вирусот на хепатит Ц се пренесува преку контакт со заразена крв.

Начини на пренесување на хепатит Ц

Трансфузија на крв

Сè до почетокот на 1992 година не постоеле тестови за откривање на вирусот на хепатит Ц во донираната крв. Затоа пред 1992 година, многу инфекции настанувале како последица на трансфузија со заразена крв, а која се давала кај лица кои имале потреба од трансфузија на крв или крвни деривати (конзервирани црвени крвни зрнца или крвни плочки-тромбоцити).

Вообичаени начини на пренесување на вирусот се:

  • заедничка употреба на било кој вид на игли, вклучувајќи ги оние за дрогирање, бушење на ушите и тетовирање,
  • преку трансфузија на крв (пред 1992 година),
  • при случајни убоди со игла кај здравствените работници и
  • било кој друг контакт на крв со крв, како што може да се случи и во тек на сексуална активност.

Случајни убоди со игла кај здравствените работници

Ваквите повреди можат да се случат при давање на мускулни или поткожни инекции, при вадење на крв од вена или со игли кои се употребуваат за поврзување на интравенските преносни системи. Овие незгоди обично се случуваат кога медицинската сестра го вади капачето од иглата или кога иглите не се фрлаат во специјалните контејнери. Исто така, постои и ризик од инфекција при повреда присутна во текот на префрлање на телесните течности од еден во друг сад.

Користење на нелегални дроги

Во денешно време, користењето на заеднички игли за дрогирање е најчест начин на пренесување на вирусот на хепатитот Ц. Луѓето може да се заразат и само со едно земање на дрога.

Други контакти на крв со крв

Било која активност која подразбира ваков контакт може да доведе до инфекција со вирусот на хепатит Ц.

Тоа се:

  • акупунктура, пирсинг на телото или електролиза со нестерилни игли,
  • тетовирање со игли кои не се стерилизирани или се натопени во заразено мастило,
  • заедничко користење на некои предмети за лична хигиена (четкичка за заби, грицкалка за нокти и турпија, жилети за бричење), како и при заедничко користење на предмети од домаќинството, кои можат на себе да имаат крв. На тие предмети на себе може да имаат многу мала количина на крв, која може да биде невидлива за голо око.
  • Незгоди кои се случуваат во здравствената или некои други професии: кај работницита во противпожарната, полициската или итната медицинска служба. Под ризик се и докторите и медицинските сестри.
  • Пренесување на болеста од мајката на нероденото дете,
  • Пренесување на инфекцијата во тек на дијализа,
  • Контакт на крв со крв при сексуален однос помеѓу инфицирано и неинфицирано лице.
    Во овој контекс, менструалната крв би требало да се третира како било кој друг вид на крв. Ризикот од пренесувањето на инфекцијата по сексуален пат не е прецизиран, но се смета дека е многу низок. Ризикот од пренесување на инфекцијата изнесува помалку од 3% кај моногамните врски.
  • Интраназалната (преку носната слузница) употреба на кокаинот преку заеднички сламки или други средства за „ушмркување“ на кокаинот може да доведат до контакт крв со крв, преку раничките на носната слузница.

Бидејќи хепатитот Ц често не се дијагностицира долго години по инфицирањето, некогаш е тешко да се одреди точниот начин, односно случката која довела до инфекција.

Ако не знаете како сте го добиле хепатитот Ц, не сте единствени. Околу 30% од луѓето со хроничен хепатит не знаат како се заразиле со вирусот. Можеби нема да се сетите на медицинската процедура која довела до инфекција. Инфекцијата можеби настанала и преку навлегување на вирусот низ заборавена раничка или посекотина. Истражувачите оваа инфекција ја нарекуваат „спорадична“ инфекција.

Според тоа, инфекцијата може да настане на многу начини. Едноставно, не е ни важно како сте се заразиле. Вашата болест нема многу да се разликува ако сте се заразиле со „ризичното однесување“ или ако сте се заразиле преку трансфузија на крв или незгода на работното место.

Пораката е она што веќе го знаете: Треба да се избегнува секое ризично однесување, а нестерилните игли треба да се фрлат што е можно повнимателно и во специјални медицински контејнери.

Целта на вашиот медицински тим е да ви помогне да закрепнете. Тие не се концентрираат на вашето минато, туку на терапијата и на тоа како да го подобрите своето здравје.


Превенција

Како превенција на хепатитот Ц е практикување на безбеден секс, со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од инфекција преку сексуален однос.

Никогаш немојте да користите заеднички игли или прибор за инјектирање. За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.).

Треба да се внимава, на пример, ако некој крвари или при исфрлање на медицинскиот отпад (игли).

ХИВ и Хепатит Ц

Едно од четири лица со ХИВ има хепатит Ц. Истовременото постоење на двете инфекции е доста често, бидејќи и двата вируса се пренесуваат на сличен начин: преку контакт со заразена крв.

За разлика од ХИВ вируот, вирусот на хепатитот Ц ретко се пренесува по сексуален пат.

Истовремената инфекција со ХИВ вирусот и вирусот на хепатитот Ц е честа кај:

  • лицата кои се заразуваат преку игли за дрогирање,
  • лицата со хемофилија, кои примале концентрати за згрутчување на крвта (пред 1987 година).