Како може да се заразиме со херпес симплекс вирусот Печати

Најголемиот број на заразени лица добиваат генитален херпес по сексуален однос со лице кое ја има оваа инфекција т.е. лице со активна ХСВ инфекција.

Кога е вирусот активен, тој обично предизвикува видливи промени на кожата на гениталните органи. Во кожните промени се наоѓаат вирусите, кои можат да заразат друго лице.

Понекогаш лицето може да има активен вирус, но да нема симптоми, односно да не постојат видливи кожни промени. Тие лица се вирусоносители и често ги заразуваат своите партнери, не знаејќи дека ја имаат инфекцијата.

Лицето со генитален херпес може да го зарази својот партнер и во тек на орален секс.

Вирусот ретко се пренесува, ако и воопшто се пренесува, преку предмети како што се: клозетска шолја, туш или када. Вирусот е многу осетлив на надворешната средина и не може долго да преживее надвор од човечкото тело.

Заразената трудница може да го пренесе вирусот и на своето дете за врема на бременоста или во текот на породувањето. Тоа може да доведе до појава на тешки форми на воспаление на белите дробови, до сепса и смрт на новороденчето, поради нарушениот имун систем и неадекватна антивирусна заштита на новороденчето.