Значењето на анамнезата и физикалниот преглед Печати

Општиот лекарски преглед е првиот и најважен чекор во поставувањето на правилна дијагноза а со тоа и за спроведување на соодветна терапија. Иако лекарскиот преглед се изведува по строго утврден редослед, сепак интерпретацијата на наодите зависи од умешноста и знаењето на самиот лекар.

Прегледот започнува со земање на анамнеза, т.е лекарот го испрашува пациентот за историјата и развојот на болеста. Овој дел од прегледот речиси целосно зависи од способноста на лекарот за воспоставување на контакт и здобивање на довербата на пациентот.

Вториот дел е физикалниот преглед, односно преглед по органски системи. Секако дека при физикалниот преглед најголемо внимание се обрнува на оние органи и делови од телото за кои пациентот се жали, но при секој преглед рутински се изведуват аускултација со стетоскоп („слушање“) на градниот кош и мерење на крвниот притисок (кај млади лица и возрасни).

Утврдувањето на вистинскиот проблем на пациентот може да биде доста тежок процес, доста често пациентите се исплашени и вознемирени од проблеми кои не се суштински, додека симптомите кои би можеле да упатат на сериозна болест ги прескокнуваат и затоа анамнезата бара големо внимание и трпеливост од страна на лекарот.

Физикалниот преглед подразбира преглед на телото, при што прво лекарот го зема во предвид изгледот на пациентот, неговата висина, ухранетост и дали остава впечаток на лесно, средно или тешко болен пациент. Обично прегледот започнува од главата па надолу, при што во зависност од симптомите на пациентот се прегледуваат најчесто грлото, надворешниот ушен канал со ушното тапанче (отоскопија) , тироидната жлезда на вратот; при посебни состојби како на пример мозочен удар се утврдува големината на зениците и нивната реакција на светлина и друго.

На градниот кош се врши аускултација со стетоскоп, со што се прегледуваат белите дробови и срцето. Аускултацијата е незаменлив метод за дијагноза на голем број на болести, од пневмонија до вродени срцеви мани. Дури и кога и со наодот од аускултацијата не може со сигурност да се каже точно која болест е во прашање, сепак има огромна важност затоа што врз основа на тоа пациентот се праќа на понатамошно иследување. Многу тешко може со 100% сигурност да се постави дијагноза за одредено срцево заболување, само со аускултација, но сепак таа е многу битна за одредуавње на понатамошните дополнителни дијагностички процедури.

Преглед на стомакот најчесто се изведува доколку пациентот се жали на болка во стомакот, повраќање, пролив, доколку има жолтица и слично. При прегледот се изведува палпација ( „напипување“) на органите (особено внимание се посветува на црниот дроб како и на болните точки), со што се утврдува нивната големина, се испитува постоењето на слободна течност во стомакот (асцит- најчесто при цироза на црн дроб, но и при одредени видови на карциноми и други состојби).

Една од најтешките состојби за утврдување на точна дијагноза е акутен абдомен, односно нагла силна болка во стомакот, поради големиот број на болести кои имаат речиси исти симптоми и кои речиси сите се животозагрозувачки, доколку првилно не се лечат.

Во зависност од симптомите, прегледот продолжува на екстремитетите, рацете и нозете, каде се гледа опсегот на нивното движење, се проверува пулсот во периферните артерии и друго.

Сите луѓе се различни и различно реагираат на иста болест, различно поднесуваат болка и слично, така да секој пациент треба да се разгледува индивидуално.

Општиот преглед би требало да трае минимално 15 минути и истиот треба да се изведува во потполна дискреција.

По земените податоци за историјата на болеста и нејзиниот развој, како и по извршениот физикален преглед, трета фаза е поставување на дијагноза.

Постојат мал број на болести, кои можат да се дијагностицираат и лечат веднаш, без изведување на посебни испитувања.

Речиси сите хронични болести бараат посебни испитувања, кои меѓу другото, се важни и за следењето на болеста, односно се следи дали со тек на време болеста се подобрува, влошува или се одржува под контрола.

Лабораториските испитувања се многу важни првични дијагностички методи.

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација.

Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

По општиот лекарски предглед и комплетната биохемиска анализа на крвта и мочката, лекарот веќе може да се посомнева на постоење на некое малигно заболување на некој орган или структура и да одреди некои дополнителни испитувања.

Дополнителните испитувања опфаќаат бројни дијагностички процедури, со кои се поставува точната дијагноза на болеста, но исто така, се одредува и стадиумот на болеста, кој е многу важен прогностички фактор.

Од стадиумот на болеста зависи и кој третманот ќе се примени. Обично, третманот се планира индивидуално, кај секој пациент одделно, во зависност, пред сé, од стадиумот на болеста, од степенот на диференцираноста на туморот (градус, G), од хистопатолошкиот тип на туморот, но и во зависност од возраста на пациентот, неговата општа состојба, како и од други фактори.