Дијагностички постапки за рак на простата Печати
Четврток, 29 Мај 2008 09:07

Првични дијагностички процедури

За поставување на точна дијагноза на карциномот на простатата, потребно е да се направат следниве првични дијагностички постапки:

Дополнителни дијагностички процедури

Кога е поставена дијагноза за карцином на простата, потребни се и некои дополнителни испитувања кои ќе помогнат да се одреди колку е проширена болеста односно ќе го одредат нејзиниот стадиум. Ова е многу важно за избор на соодветна терапија.

Испитување на ПАП и ПСА во крвта и во урината

Од лабораториските испитувања значајни за дијагноза на карциномот на простатата се: испитување на нивото на простатичната кисела фосфатаза (ПАП) и на простата - специфичниот антиген (ПСА) во крвта.

ПАП е ензим кој што се користеше уште пред откривањето на ПСА, за поставување на дијагноза, за одредување на стадиумот на болеста, како и за покажување на резултатите од применетата терапија.

ПСА се секретира од епителните клетки на ацинусите и дуктусите на простатичната жлезда и заедно со ПАП се меша со простатичната течност на ејакулатот. ПСА е откриен во 1971 година, а изолиран во 1979 година.

Клетките на простатата имаат ПСА3 гени (простата канцер гени 3). Овие гени прават клетките да продуцираат мало количество на специфичен протеин (ПСА).

ПСА протеинот го создаваат како нормалните, така и карциномските клетки на простатата. Карциномските клетки создаваат многу повеќе ПСА протеин од нормалните. Кога нивото на ПСА3 протеинот е висок, тој се излива во мочта. Така, овој протеин може да се мери и со уринарен тест. Но, досега не се знае колку ќе биде корисен овој тест и ваков тест не е достапен насекаде. Досегашните резултати од клиничките студии ветуваат висок степен на сигурност и овој тест може во иднина да биде вообичаен и рутински. Засега се испитува само ПСА протеинот во крвта.

Високите вредности на ПСА во крвта може да бидат знак за карцином, но нивото на ПСА може да биде покачено и при бенигно зголемена простата како и при инфекции (простатит). Затоа, за да се исклучи можноста од постоење на инфекција, се прави уринокултура т.е. се испитува присуството на бактерии во мочта. Доколку постои уринарна инфекција, тогаш таа соодветно се лекува.

Не треба да се прави повторна контрола на ПСА најмалку еден месец по завршувањето на терапијата на уринарната инфекција.

ПСА е протеин кој го има нормално во крвта кај здравите мажи. Не постои едно нормално ниво на ПСА. Тоа значи дека вредностите на ПСА може да варираат од маж до маж и нормалното ниво се покачува со возраста. Но, сепак, следниве вредности се груби показатели на нормалните вредности на ПСА.

  • ПСА вредности до 3 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи под 60 годишна возраст.
  • ПСА вредности до 4 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи од 60 до 69 години.
  • ПСА вредности до 5 ng/ml се сметаат за нормални кај мажи над 70 години.

Вредности повисоки од 5 ng/ml, но помалку од 10 ng/ml обично се јавуваат кај бенигната простатична хиперплазија. Вредности над 10 ng/ml, исто така, може да се видат кај бенигната простатична хиперплазија, но колку се повисоки вредностите на ПСА толку е поголема веројатноста за постоење на карцином.

Вредностите на ПСА под 4 ng/ml се сметаат за нормални, а над 10 ng/ml за високи. Вредностите од 4 до 10 ng/ml се средни вредности.

Понекогаш, кај некои пациенти со веќе присутен карцином на простатата, нивото на ПСА во крвта е во нормални граници.

Но, општо земено, се смета дека колку се повисоки вредностите на ПСА во крвта толку е поголема шансата за постоење на карцином. Некои пациенти имаат вредности од стотина или илјадници ng/ml во моментот на дијагностицирање на карциномот. Колку е повисоко нивото толку е поголема веројатноста за постоење на напреднат или метастазиран карцином на простатата. Кога почнува да се развива карциномот на простатата и да расте, се продуцира сè поголемо и поголемо количество на ПСА, како што тој прогресира.

За да се утврди природата на болеста не е доволно само да се одреди ПСА во крвта, па затоа се на¬дополнува со дигитален ректален преглед.

ПСА тестот исто така се користи, покрај за рана дијагноза на карциномот, и за следење на ефектот, односно, одговорот од применетата терапија. Успешната терапија го намалува туморот, а со тоа и бројот на карциномски клетки кои продуцират ПСА протеин. Затоа доаѓа до пад на нивото на ПСА во крвта.

Анален преглед (дигитален ректален преглед)

Анален прегледБидејќи аналниот отвор е непосредно под простатата, а карциномот најчесто расте на таа страна од жлездата, лекарот може да ја напипа простатата влегувајќи со прст преку аналниот отвор. Ова испитување е непријатно, но безболно.

Со ПСА тестот се поголеми можностите за откривање на ракот во рана фаза отколку со аналниот преглед. Затоа карциномот откриен со анален преглед обично е поголем, штом може да се напипа.

При прегледот урологот може да ја напипа простатата и да открие некои ирегуларности во нејзината големина, обликот и конзистенцијата. Обично со овој преглед може да се разграничат промените кај карциномот на простатата од оние при бенигната хиперплазија.

Присуството на тврдина во простатата, како и целосно тврда и фиксирана простата е сомнителен наод за карцином. Во тој случај потребно е да се направи и ултразвучен преглед.

Ултразвучен (ехотомографски) преглед

Ултразвучен прегледДоколку погоре наведените два теста покажат сомневање за присуство на карцином на простатата, потребно е да се продожи испитувањето со трансректален ултразвучен преглед. Тој се изведува со внесување на специјална сонда преку чмарот на пациентот.

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон простатата. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Со ехотомографскиот преглед може точно да се одредат: големината, обликот на простатата, како и да се видат одредени абнормалности во нејзината конзистенција.

Биопсија на простата

Ако ПСА тестот е позитивен и при ултразвучниот преглед се видат промени во простатата, следен чекор е биопсија на простатата.

Урологот може за време на ултразвучниот преглед со помош на специјална игла да земе парчиња од ткивото на промената. Обично се земаат 8 до 12 примероци од ткивото на простатата од неколку различни места од жлездата. Биопсијата се изведува со анестезија, но може да биде непријатна. Постои мал ризик од инфекција. Затоа се даваат антибиотици за превенција од инфекција. По биопсијата може да се забележи крв од аналниот отвор, во мочта или да се јави ејакулација. Ова се краткотрајни промени кои брзо исчезнуваат откако ќе се смири местото од каде се земени примероците.

По земањето на примероците од ткивото на простатата, тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог. Дефинитивната дијагноза на карциномот на простатата се поставува со микроскопското прегледување на примерокот од ткивото на простатата земен при биопсијата. Патологот може да одреди дали има присуство на карциномски клетки, да го утврди видот на карциномот, како и неговата агресивност (колку брзо може да расте туморот).

Понекогаш карциномот може да биде присутен само во мал дел од простатата. Поради тоа, со биопсијата може да се „промаши“ таа промена и да се добие т.н. „лажно“ негативен наод. Доколку лекарот сепак се сомнева за присуство на карцином, по некое време се повторува биопсијата (ребиопсија).

Комбинираните информации од ПСА тестот, од аналниот преглед и од биопсијата ќе помогнат за поставување на прецизна дијагноза.