Хепатит Ц и исхрана Печати

Мојот син има хепатит Ц. Ве молам да ми кажете каква диета треба да држи, односно каква треба да биде неговата исхрана.

Ако не постои оштетување на функцијата на црниот дроб, и ако не е акутна фаза на хепатит, не е потребна некоја посебна диета, туку само треба да се внимава да се консумира лесна, немасна храна и не премногу зачинета, да не се консумира алкохол и газирани сокови.

Но еве ги подетално препораките за исхрана.

Исхрана при хронична болест на црниот дроб/хепатит Б и Ц

Кај хроничните болести на црниот дроб, сè додека е сочувана нормалната функција на црниот дроб, не е потребна специјална диета, освен избегнување на алкохол и консумирање на здрава храна.

При појава на оштетување на функцијата на црниот дроб, обавезно е да се консумира лесна храна, и да се избегнув алкохол.

Во исхраната на пациентите со хронична болест на црниот дроб се препорачува посно пилешко, јунешко, телешко и јагнешко месо и риба, а би требало да се избегнува консумирање на сувомеснати производи, свинско месо, кобасици, масни риби. Месото најдобро е да е варено, динстано или печено, а да се избегнува пржење во многу зејтин.

Како прилог со месото може да се користат сите видови на тестенини и ориз, интегрален леб. Не се препорачуваат пржени тестенини и оние кои се богати со квасец.

Од зеленчук се препорачува: компир, спанаќ, зелена салата, морков, цвекло, блитва, шпаргла. Најдобро е тие да се консумираат варени или во вид на салата, односно свежи. Не се препорачува грав, грашок, зелка, кељ, лук, кромид, краставица и пиперка.

Треба да се избегнува масна храна, а од масти се препорачува растителен зејтин, посебно маслиновото масло. Треба да се избегнува путер и свинска маст.

Од зачини се препорачуваат: магданос, лимон, копар, босилок, а строго се забранува бибер, сенф, мајонез, лути пиперки и други јаки зачини.

Од млеко и млечни производи треба да се одбере младо кравјо сирење и немасен јогурт, а да се избегнува масно сирење и павлака.

Овошјето е најздраво да се консумира свежо, а може да се консумира и варено или пасирано.

Она што треба секако да се избегнува се масните колачи богати со ореви, бадеми и чоколада. Предност им се дава на немасните, посни бисквити и колачи.

Од пијалоци се препорачуваат благи чаеви (од нане и од камилица). Другите чаеви не се препорачуваат. Од сокови се препорачуваат природно направените сокови, исцедени од свежо овошје. Треба да се избегнуваат газирани сокови и алкохол.

Поздрав.

Др. Л.Ацева