Аденокарцином на грлото на матката Печати
Дијагноза Adenocarcinoma cervicis uteri. Направена операција HTR sec Wertheim Meigs. Резултатот е: прогностички индекс изнесува 2,4 припаѓа на средно ризична прогностичка група, болеста се наоѓа во 1 B2 стадиум, постоперативната класификација гласи: pT 1B2 G2 NG 2 PI 2,4 стадиум IB2. Потоа следеше зрачење од 28 сеанси и ништо друго.
Сега одам на контрола на 6 месеци во онкологија. До сега во мојата фамилија немало ваков случај. Јас сум првата. Имам ќерка и се прашувам дали е ова наследно? Од операцијата се поминати 4,5 години не примам никаква терапија освен олигогал со Se и витамин C од 1000. После операцијата сме немале односи со сопругот иако се обидувавме, ве молам да ми пишете на кој начин и дали ми е потребно нешто за да имаме односи, и дали тоа ќе ми наштети на моето здравје? Според вашето искуство и според статистиката ве молам да ми кажете колку време после операцијата живеат луѓето со дијагноза како мојата? И ме интересира како да се хранам и дали смеам да се занимавам со некој спорт и ако е „да“ со кој? Со нетрпение го очекувам вашиот одговор, пишете ми ве молам.

Тоа што кај тебе е направена операција заради adenokarcinoma cervisis uteri, а потоа следела постоперативна радиотерапија на нашиот Институт, е стандардна и оптимална терапија за твојот стадиум на болеста. Тоа значи дека се е направено како што треба, како што и сите други жени во светот, со таква дијагноза и стадиум на болест, како вашиот, се лекуваат. Значи тоа е стандарден протокол.

Добро е што одите на редовни контроли на нашиот Институт, доколку требала некоја дополнителна терапија, бидете сигурни дека ќе ви била дадена. А дали понатаму ќе теба нешто, ќе зависи од тоа како ќе се развива болеста.

Никој со сигурност неможе да каже дали ќе се повтори болеста или не. Затоа се впрочем и редовните контроли. Но, кај вас е ран стадиум, а тоа значи и шансите за да се повтори болеста се многу мали. Затоа, можам да ве смирам со тоа што ќе ви кажам дека треба само редовно да се контролирате и пациентките живеат нормален и квалитетен живот со години. А колку ќе живее некој со оваа дијагноза, па искрено тоа зависи од многу фактори. Сепак, кај вас прогнозата е одлична.

Што се однесува дали е болеста наследна. За причините и факторите на ризик имате детално на линкот даден подолу. Само кликнете и ќе прочитате повеќе за тоа. Во принцип, не е утврдено дека генетскиот фактор игра важна улога кај карциномот на грлото на матката. Повеќе се важни другите фактори на ризик кои ќе ги прочитате на следниов линк:

Причини и фактори на ризик кај карцином на грлото на матката

Друго што прашувате, а што не ми е многу јасно е за сексуалниот однос што го немате со вашиот сопруг. Неможам да разберам зошто го немате. Дали поради тоа што ви е болен сексуалниот однос или поради нешто друго, незнам. Ние лекарите не забрануавме сексуални односи, напротив тие се препорачуваат и за да не дојде до стеснување на вагината, која може да се јави, на пример кај постари жени кои не практикуваат секс, а биле зрачени во пределот на гениталните органи.

Што се однесува до исхраната, не постои некоја посебна диета или режим на кој би требало да се придржувате. Важно е да јадете здрава храна, а тоа значи да јадете повеќе овошје и зеленчук, а помалку масна храна, посебно црвено месо, богато со масти. Значи повеќе да се јаде храна која содржи витамини, минерали, протеини и јагленохидрати, а помалку да се внесуваат масти. Тоа не важи само за вас, тоа важи за сите луѓе, како за оние кои биле болни од карцином, така и за здравите луѓе.

Исто така и редовната физичка активност е пожелна. Тоа значи дека можеш да вежбаш секој ден полесни вежби, да пешачиш, да спортуваш. Не треба само да се префорсираш и во тоа. Обично не се препорачува да дигате тешко, така да избегнувајте го тоа.

Поздрав.

Д-р Л. Ацева