Проблем - нередовно празнење на цревата (запек) Печати
Имам проблем со редовното празнење на цревата, односно патам од запек. Понекогаш тој трае и до 7 дена, па тогаш морам да користам лаксативи. Мислам дека дури станав и зависна од овие лекови. сакам да нагласам дека мојата исхрана се состои воглавно од овошје, зеленчук, црн интегрален леб, па мислам дека храната не е причина за мојот проблем. Вода пијам во нормални количини. Што може да биде причина за запекот?

Хроничната употреба на лаксативи секако не е оправдана, бидејќи може да доведе до трајни промени на моториката на дебелото црево. Во вашето писмо не наведувате колку години имате.

Доколку сте постари од 40 години, би ви советувала да ги направите неопходните испитувања кај интернист – гастроентерохепатолог. Ќе треба да се нсправат рутински лабораториски анализи на крвта, како и анализа на столицата за евентуално откривање на окултно (микроскопско, невидливо со голо око) крварење. Во случај на патолошки наод, било од лабораториската анализа на крвта, или посебно при присисутво на крв во столицата, неопходно е да се направи колоноскопија.

Колонoскопијата се применува за испитување на слузницата на дебелото црево, за отстранување на полипи во дебелото црево (мали, бенигни тумори), за земање примероци, биопсија на дебелото црево и друго.

Колонoскопијата е најсигурниот, најдеталниот преглед на дебелото цревo и со овој преглед можат да се утврдат и почетни абнормалности и болести во најраните фази. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од иригографијата и може да го открие ракот на дебелото црево уште во неговите рани, почетни стадиуми.

Обидете се да ја регулирате столицата на следниов начин.

Наутро на гладно испијте 2-3 dl млака негазирана минерална вода, а во текот на денот пијте чај од камилица и од нане. Исхраната треба да се состои од овошје и зеленчук, компоти од модри сливи, а навечер може да јадете мусли со кисело млеко или јогурт. Можат да се користат т.н. овошни коцки или Probavin кои може да ги најдете во аптека.

Секако, не треба да заборавиме дека и редовната физичка активност е корисна за регулирање на запекот.

Д-р Л. Ацева