Дали постои посебна диета за болните од рак на бели дробови? Печати
Почитувана д-р Ацева,
Мојата мајка боледува од рак на белите дробови, подложена е на хемотерапија. Постојано подкашлува и се жали на болки во стомакот (желудникот). Ве молам за совет, во овој период додека трае лечењето, што можеме да и даваме да јаде, каков вид на храна. На што треба најмногу да внимаваме. Јас и останатите членови на нашето семејство постојано сме околу неа, беспомошни сме, бидејќи болеста е навистина сурова. Секојдневно конзумира многубројни таблетки кои и се препишани на вашата клиника, и навистина не знаеме што од храната е најдобро за неа.
Во очекување на вашиот одговор, однапред благодарам.

Почитуван,

Не постои специјална исхрана или диета за болните од рак на бели дробови. Најважно е вашата мајка да јаде здрава храна. Што се подразбира под здрава храна? Најдобро е да јаде многу овошје и зеленчук, интегрални житарици. Доколку неможе да ги поднесува како свежи, може да и давате природни сокови од овошје и зеленчук, или компот од овошје, немасни супи од зеленчук. Добро е да јаде и риба, која е богата со омега 3 масни кислеини, кои го подобруваат и јакнат имунитетот.

Немојте да ја форсирате и да ја оптеретувате премногу со тоа што, колку и како да јаде. Дозволете и да јаде тоа што неа најмногу и одговара и што најдобро го поденсува и сака да го јаде. Најдобро е да јаде почесто, 5-6 пати на ден, по помали оброци, за да не го оптеретува желудникот.

Немојте многу да и давате витамини и други додатоци во исхраната во вид на таблети. Најдобро е сите хранливи состојки да ги прима преку храната. Немојте на своја рака да и давате витамини и минерали во вид на таблети, пред да се консултирате со вашиот онколог. И тие како такви го оптеретуваат желудникот, а сепак со здрава храна може да се внесат сите хранливи состојки, витамини, минерали, белковини, јаглехидрати и масти (секако мастите од животиснко потекло во помала количина).

За жал терапијата со лекови е неопходна, но сепак, уште еднаш консултирајте се со вашиот онколог дали сите лекови кои во моментов ги пие вашата мајка се неопходни, доколку и прават некои несакани проблеми.

Поздрав.

Др. Л.Ацева
специјалист радиотерапевт и онколог