ВАШИ ПРАШАЊА: Проблем со неконтролирано мочање Печати
Почитувана докторке!
Ќе ве замолам да ми дадете совет каде да се обратам во врска со мојот проблем. Имам 23 години и имам проблем со неконтролирано уринирање. Најчесто ми се случува некое време по уринирањето повторно неволно да уринирам. Во месец мај ги имав тие тегоби, проверив уринокултура, имав две бактерии и добив соодветна терапија. Сега повторно имав тегоби, печење при мокрење и направив уринокултура. Ми пронајдоа бактерија ешерихија коли, по што добив соодветна терапија со антибиотик. Пијам чај од брусница и консумирам плодови од брусница, пијам доста течности, не пијам кафе, алкохол, цигари. Но, сега повторно две недели по терапијата имам проблеми со неконтролирано уринирање. Гинеколошки се е во ред, често одам на прегледи, 2 пати годишно правам пап тест, сега бев откако ја почнав терапијата со антибиотик и гинекологот ми даде канестен 3 имав малку бело прање. Ве молам кажете ми како да го решам овој проблем со неконтролирано мокрење бидејќи стварно ми е непријатно. Како малечка сум имала ноќно мокрење а пред три години имав самоволен абортус. Ве молам за совет! Благодарам однапред.

Почитувана,

Циститот или воспалението на мочниот меур е многу често заболување, а почесто ги напаѓа жените. Многу често причина за циститот е бактеријата Eshericia colli, која и вие ја имате. Оваа бактерија многу тешко се искоренува и знае често пати да рецидивира, односно повторно да предизвика воспаление и по нејзиното искоренување.

Мој совет е да се јавите на преглед кај уролог, кој ќе ви помогне да го решите проблемот со инфекцијата, но и кој ќе може да оцени дали постои некој органски проблем за вашата инконтиненција односно неконтролираното мочање. Можно е инконтинецијата кај вас да е предизвикана од присутното воспаление, но може да биде и од друга причина.

Према статистиките, секоја петта жена по 40-тата година од животот пати од инконтиненцијата т.е. слабост на мочниот меур. Инконтиненција е неспособност да се во целост контролира задржувањето на мочката при кашлање, кивање, трчање, дигање на тешки предмети, брза промена на положбата на телото (на пример: при брзо станување) или при други физички активности.

Вие сте млади за да имате слабост на мочниот меур или на карличните мускули, па затоа сепак сметам дека треба да се обратите на преглед кај уролог.

Инаку, постојат и вежби за намалување на инконтинензијата, кои имаат за цел да ги зајакнат мускулите на карлицата, а со тоа и да ја корегираат инконтиненцијата. На нашиот портал може да прочитате за тие вежби кои можете самите дома да ги правите. Еве го линкот до написот за зајакнување на калицните мускули. Има и други написи, кои може да ви помогнат.

Но, на нашиот портал има и доста совети за природно лекување на циститот. Брусницата секако дека помага при инфекцијата на мочните патишта, исто така и жалфијата (имате напис на порталот), како и други природни билки.

Овие написи може да ги најдете во делот алтернативна медицина. Секако дека овие природни лекови неможат да ги заменат антибиотиците, но можат многу да помогнат.

Исто така, лекарите препорачуваат да се пијат многу течности, затоа што на тој начин се „плакне“ мочниот меур и механички се исфрлаат бактериите.

Но, сепак мислам дека прегледот кај урологот е најважен.

Поздрав.

Др.Л.Ацева

специјалист радиотерапевт и онколог