Рак на грклан Печати

Татко ми има карцином на грклан. Му рекоа дека е голем за да може да се оперира. Се храни преку сонда, се зрачеше но од тоа се рашири многу брзо, сега е на хемотерапија но му се отвори дупка над канилата, со гној и мириса ужасно. Ве молам за помош.

Кај вашиот татко уште во почеток се работело за напреднат стадиум на рак на грклан, во неоперабилен стадиум. Затоа и била направена само трахеостома, за да може да дише нормално и да не дојде до угушување.

Во овој стадиум, тераписки опции за лекување се зрачната терапија и хемотерапијата.

Зрачната терапија доведува до локална контрола на туморот и неможе, во никој случај, да предизвика ширење на ракот. Напротив таа помага да се намали и да не расте примарниот тумор.

Што се однесува до хемотерапијата, таа е системска терапија и се дава во овие напредни стадиуми, или за превенција на метастазирање на болеста, или како терапија за метастатски рак на гркланот.

Ви советувам да се придржувате до препораките на вашиот онколог, што се однесува до онколошката терапија. По потреба се применува и антибиотска терапија, доколку постои дополнително воспаление, што мислам дека е случај и кај вашиот татко.

Секако, за лекување на локалното воспаление потебна е и секојдевна хигиена на трахеостомата, што се надевам дека вашиот татко ја спроведува.

Асс.Др.Л.Ацева

Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија, Скопје.