Што е простата? Печати

Простатата е жлезда со надворешно лачење и е дел од машкиот полов (ре­про­дук­тивен) систем. Таа е во анатомско-функционални односи со семениците, нат­се­мениците, семените меурчиња и семеводите. Сместена е под мочниот меур, на осно­вата на машкиот полов орган и непосредно пред задното црево. Таа всушност го оп­кружува задниот простатичен дел на мочниот канал.

Простатата е орган со жлездесто-мускулна структура, чиј алкален секрет влегува во составот на семената течност (сперма). За време на ејакулацијата се исфрла густа ли­гава течност, секрет, кој го создаваат повеќе жлезди: двата семеника, двете семени меурчиња, простатата и двете мали жлезди од околината на мочниот меур.

Градба и функции на простатата

Градба на простатата

Градба на простататаПростатата е составена од мускулни и еластично-сврзни влакна кои заедно гра­дат една еластично-мускулна мрежа во чии шуплини е сместено жлезденото ткиво. Тоа е изградено од бројни ситно-меурести жлезди (30-80). Од нив поаѓаат изводни каналчиња, кои се влеваат во простатичниот дел на мочниот канал. Про­статата ја сочинуваат два лобуса и капсула која ги обвива. Кај возрасен маж таа е со големина на орев, со најголем дијаметар од 3 до 5 сантиметри и тежина од 15 до 20 грама. Нејзиниот надворешен облик потсетува на костен, чиј поширок крај е свртен нагоре кон мочниот меур, а врвот надолу кон дното на карлицата. Простатата по боја е сивоцрвена, а на пипање со прст преку задното црево е еластична, мека и безболна. Низ средишниот дел на простатата минува мочниот канал (неговиот простатичен дел) низ кој минува мочта кога се празни мочниот меур. Овој дел од мочниот канал завршува точно кај надворешниот стегач на мочта (мускул кој го контролира мочањето, односно го отпушта и запира). Според тоа простатичниот дел од мочниот канал се пробива низ простатата и низ него мочта протекува од моч­ниот меур кон долните партии на мочниот канал, а оттаму се исфрла надвор преку пенисот.

Функции на простатата

Науката сè уште не ги познава сите функции на простатата. Таа останува жлезда во човечкото тело, која е најмалку разјаснета. Семеникот (тестис) е орган во кој се произведуваат сперматозоидите, а машкиот полов орган (пенис) помага да се исфрли спермата во вагината. Според тоа, тестисот и пенисот се т.н. примарни сексуални ор­гани. Простатата се смета за придружна сексуална жлезда, иако, веројатно, нејзината единствена функција е поврзана со сексуалниот, односно со машкиот ре­продуктивен систем. Со тоа таа индиректно е вклучена во оплодувањето.

Главната функција на простатата е да создава и да складира бистра, лесно алкална течност (секрет со pH 7.29). Оваа течност сочинува 10%-30% од волуменот на семена­та течност. Во функционален поглед, простатичниот секрет има многу значајна улога. Овој секрет се создава во простатичните жлезди и се излева преку простатичните канал­чи­ња во простатичниот дел на мочниот канал. Мазните мускули на простатата по­ма­гаат во исфрлањето на семената течност. Каналите што ги спроведуваат сперматозоиди­те, кои се создаваат во тестисите, исто така се излеваат во простатичниот дел на моч­ниот канал. Истовремено во него се излева и содржината од семените меурчиња. Семени­те меурчиња се две парни жлезди, во форма на спирална цевка, кои се сместени по­зади и под мочниот меур и непосредно над простатата. Нивната течност содржи белкови­ни и шеќери (фруктоза), кои се енергетски извор (храна) за сперматозоидите.

За време на ејакулацијата содржината од сите овие структури се излева во про­ста­тичниот дел на мочниот канал, каде се формира семената течност.

Основна задача на простатичната течност е да служи како транспортна средина на спер­ма­тозоидите на тој начин што го зголемува волуменот на семената течност. Но, исто така, учествува и во исхраната на сперматозоидите, ги зајакнува, и ја неутра­лизира киселоста на вагиналниот канал кај жената. Со тоа се продолжува и животот на сперматозоидите.

Се смета дека простатичниот секрет учествува и во еден многу важен процес како што е заштитата на генито-уринарниот систем од разни штетни надворешни фактори (бактерии, вируси и др.) кои можат да навлезат од надворешниот мочен канал. Простатичниот секрет има улога на заштитна бариера и не дозволува ширење на инфекцијата во органите на машкиот полов систем, како и нагоре во органите на уринарниот систем (мочниот меур и бубрезите).