Причини и фактори на ризик Печати

Основната причина за појава туморите на усната празнина и орофаринксот не е позната. Заболувањето е резултат на делување на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на овие малигни заболувања кај некои луѓе. Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од рак на узната празнина и орофаринксот.

Како фактори на ризик за туморите на усната празнина и орофаринксот се наведуваат:

Пушење

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на туморите на усната празнина и орофаринксот. Голем процент од овие тумори се предизикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Ризикот за настанување на овие малигни заболувања се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во устата, голтникот и дишните патишта. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од малигни тумори на усната празнина и голтникот, отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај лицата кои никогаш не пушеле.

Алкохол

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на малигни тумори на усната празнина и голтникот. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите. Познато е дека алкохолот предизвикува недостаток на витамин Б и железо, кои се важни за здравјето на човекот.

Лошата исхрана е многу честа кај лицата кои екстензивно консумираат алкохол. Тоа може да биде причина и зошто алкохолот го зголемува ризикот за појава на тумори на усната празнина и орофаринксот. Причината може да биде недоволното внесување на витамини и минерали со исхраната. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук може да го намали ризикот за појава на тумори на усната празнина и орофаринксот. Ова се должи на фактот што во свежото овошје и зеленчук има многу витамини и минерали т.е. антиоксиданси како витамин А, Ц и Е, кои го зајакнуваат одбрамбениот механизам т.е. природниот имунитет кај човекот. Витамините и другите супстанции во свежото овошје и зеленчук можат да го спречат оштетувањето на слузницата, кое покасно може да доведе до развој на карцином.

Атрофија на слузницата на усната празнина

Жените кои имаат атрофија на слузницата на усната празнина имаат витаминско-минерален недостиг. Кај нив, и покрај тоа што не пушат, сепак постои висок ризик за појава на бројни примарни карциноми на ова подрачје.

Како етиолошки фалтори за карциномите на усната празнина, исто така, се сметаат и дефицитот на витаминот А, хроничните дразби, како и слабата хигиена на усната празнина и забите.

Намален имунитет

Карциноите на усната шразнина и орофаринксот се почести кај лица кои имаат ослабен имунолошки систем. Некои конгенитални (вродени) заболувања, како и стекнатата имунодефициенција го зголемуваат ризикот за појава на овие малигни заболувања.

Намалениот имунитет, како што е случај при сидата и при хроничната имуносупресивна терапија (после трансплантација на бубрег или после примање на некои цитостатици, на пример циклофосфамид), може да го зголеми ризикот од појава на малигни тумори на усната празнина и голтникот

Пол

Малигните тумори на усната празнина и голтникот се почести кај мажите отколку кај жените. Ова се смета дека се должи на тоа што кај мажите почесто постојат два главни ризик фактори за настанување на овој малигном, а тоа се пушењето и екстензивното консумирање на алкохол. Но, во поледниве години, овие навики стануваат се почести и меѓу жените, па затоа и ризикот за настанување на малигните тумори на усната празнина и голтникот кај жените е зголемен.

Возраст

Малигните тумори на усната празнина и голтникот не се така чести кај младите. Тие најчесто се јавуваат на возраст од 50 до 70 години. Со возраста се зголемува и ризикот за заболување од овие малигноми.