Несакани ефекти од радиотерапијата Печати

Несаканите ефекти од радиотерапијата може да се поделат во две групи:

  • Рани (акутни) несакани ефекти. Несаканите ефекти кои се јавуваат за време и кратко време по радиотерапискиот третман се познати како акутни несакани ефекти. Тие постепено исчезнуваат кратко време по завршувањето на радиотерапискиот третман.
  • Доцни несакани ефекти. Несаканите ефекти кои се јавуваат по подолго време од завршувањето на радиотерапискиот третман (типично по 6 месеци или една година) се познати како доцни несакани ефекти. Тие се јавуваат како последица на настанато радиоактивно оштетување на ткивата и органите.

Несакани ефекти од надворешната радиотерапија

Акутни несакани ефекти

Главни акутни несакани ефекти од надворешната радиотерапија на карциномот на простатата се:

  • радијациски цистит,
  • радијациски проктит,
  • сува кожа на местото кое се зрачи.

Радијациски цистит

Пациентите за време на зрачниот третман имаат зачестено мочање, потреба од итно мочање, печење при мочањето и поретко крв во мочта.

Овие симптоми се последица од надразнувањето на слузницата на мочниот меур која се озрачува за време на зрачниот третман. Оваа појава се нарекува радијациски цистит. Тој може да се влошува како што се оди кон крајот на зрачниот третман. Најинтензивен е во текот на последните две недели од зрачењето.

За ублажување на овие симптоми може да помогне пиењето на голема количина на течности (сокови, чаеви) со кои се „плакне“ мочниот меур. Не треба да се пијат газирани сокови, кафе и алкохол за време на зрачниот третман, бидејќи тие уште повеќе го надразнуваат мочниот меур и ги влошуваат веке присутните симптоми.

Доколку симптомите се многу јако изразени, може да се примени и терапија со лекови за нивно ублажување.

Обично овие акутни симптоми на надразнетиот мочен меур постепено се ублажуваат и исчезнуваат по неколку недели од завршувањето на зрачниот третман.

Радијациски проктит

Во текот на зрачниот третман како несакан акутен ефект може да се јави зрачен проктит. Тој се манифестира со болни грчеви во цревата, повеќе гасови (флатуленција) и пролив.

Радијацискиот проктит е чест несакан ефект од надворешната радиотерапија. Предизвикан е поради надразнување на слузницата на дебелото црево, кое се озрачува за време на зрачниот третман на карциномот на простатата.

Обично проливите се јавуваат веќе кон средината на зрачниот третман, а до нивно интензивирање доаѓа како што се оди кон крајот на третманот.

За ублажување на овој симптом потребно е пациентот да има правилна исхрана за време на зрачењето. Треба да се избегнува свежо овошје и зеленчук, масна и многу зачинета храна, тешко сварлива храна (грав, грашок, зелка).

Наместо тоа, во исхраната треба да се внесуваат многу течности, варено овошје и зеленчук, варено посно месо, свежи банани, леб, ориз.

Доколку овој симптом е силно изразен и покрај примената на адекватна исхрана, може да се применат и соодветни лекови, кои успешно делуваат.

Сува кожа на местото кое се зрачи

Овој несакан ефект не е така чест како порано, поради примената на современи радиотерапевтски техники. Но, кожата помеѓу нозете и на препоните е понежна, изложена на триење и поинтензивно потење, па можно е во оваа регија да се јави сувост на кожата и благо црвенило. Доколку дојде до појако црвенило, тогаш може за некое време да се прекине третманот, а потоа по кратко време да се продолжи се до неговото комплетирање. Но, обично радиотерапевтите го одбиваат прекинувањето на третманот, со оглед на тоа што ова е очекуван несакан ефект од третманот и во најголем број случаи не е така силно изразен.

За време на зрачниот третман како поретки акутни несакани ефекти може да се јават: замор, малаксаност, губиток на апетит.

Уморот може да биде присутен и неколку месеци по завршувањето на зрачниот третман. Затоа е потребено повеќе одмор и спиење. Правилната исхрана, со внесување на здрава храна богата со витамини и минерали, може да доведе до побрзо заздравување и враќање на нормалната снага и активност на пациентот.

Доцни несакани ефекти од надворешната радиотерапијата

Можни се три доцни несакани ефекти од радиотерапискиот третман на карциномот на простатата:

  • воспаление на дебелото црево (хроничен проктит)
  • проблеми со нормалниот проток на урината (уринарни проблеми)
  • еректилна дисфункција.

Овие доцни последици од зрачниот третман не може да се предвиди дали и кај кој пациент ќе се јават. Сепак некои несакани ефекти се почести кај одредени пациенти.

Можноста за доцни несакани ефекти исто така варира зависно од типот на применетата радиотерапија, како и од применетите радиотераписки техники. Општо земено, несаканите ефекти сè помалку можни кај брахитерапијата отколку кај надворешната радиотерапија.

Воспаление на дебелото црево (хроничен проктит)

Ова е најчеста доцна несакана последица. Хроничниот проктитот се манифестира со присутни лажни нагони за празнење, како и појава на крв во столицата. Можно е присуство на слузен исцедок од дебелото црево. Некои пациенти имаат само чувство на напрегање, притисок, некои само крварење. Крварењето обично е слабо, но може да биде и пообилно. Работата на цревата може да биде побавна или побрза, односно има периоди на запек или на пролив.

Проблеми со нормалниот проток на мочта

  • Стриктури (стеснување на мочните патишта). Овој несакан ефект може да се јави и по надворешната радиотерапија и по брахитерапијата. Овие два третмана предизвикуваат стеснување на надворешниот мочен канал (стриктура). Заради тоа постојат потешкотии при мочањето (отежнато мочање со напрегање, со слаб и испрекинат млаз). Во ретки екстремни случаи може да дојде и до потпoлна неможност на мочање.
    Оваа компликација од зрачниот третман може да се лекува. Стеснувањето се растегнува постепено под анестазија за време на кратка оперативна интервенција. Некој пациенти може да имаат потреба и од повеќе вакви интервенции. Но, само 5-8% од пациентите имаат потреба од вакво оперативно третирање.
  • Инконтиненција. Уринарната инконтиненција е многу поретка денес. Таа е многу почеста доколку претходно била направена трансуретрална ресекција на простатата. Во случај на поизразена инконтиненција се применува и медикаметозна терапија. Бројни клинички студии покажале дека од 100 пациенти третирани со брахитерапија, само кај 1 до 14 пациенти се јавил одреден проблем со мочањето во време од 3-5 години по третманот. Помалку од 5% од мажите имаат проблеми со уринарна инконтиненција во првите 5 години по зрачниот третман.
    • Проблеми со мочањето. Проблемите со мочањето обично се средуваат по неколку месеци од третманот. Околу 20-30% од пациентите може да имаат потреба од повторно поставување на катетер во мочниот меур, од време на време, доколку се јави уринарна ретенција.
    • Импотенција. Импотенцијата може да се јави кај 30% од пациентите.
    • Уринарната инконтиненција и оштетувањата на дебелото црево. Ова се е многу ретки доцни ефекти.
  • Еректилна дисфункција (импотенција)

    Радиотерапијата може да ги оштети нервите кои ја контролираат ерекцијата. Околу 70% од третираните пациенти нема да имаат ерекција по надворешната радиотерапија. Доколку пациентот примал хормонска терапија, било пред или по радиотерапијата, тоа ќе го зголеми уште повеќе ризикот за нејзиното јавување.

    Со брахитерапијата се забележува помал процент на еректилна дисфункција, во споредба со оној при надворешната радиотерапија.

    Доколку по радиотерапискиот третман се јави еректилната дисфункција, за тоа треба веднаш да се информира докторот. Благовременото лекување ветува подобри резултати. Лекувањето е опишано претходно во текстот.

    Несакани ефекти од брахитерапијата

    Акутни несакани ефекти од брахитерапијата

    Брахитерапијата обично не предизвикува многу акутни несакани ефекти.

    Како поседица од имплантирањето на радиоактивните зрнца во ткивото на простатата, може да се јави лесна болка во пределот на имплантираната регија, или крв во мочта. Овие симптоми обично се смируваат во тек на неколку дена. Други чести несакани ефекти се: често мочање, печење при мочањето, итна потреба за мочање или намален млаз при мочањето. Овие симптоми се најјако изразени по околу 2-4 седмици по имплантацијата. Ретко има потреба да се постави катетер за нормално празнење на мочниот меур. Овие симптоми се намалуваат со тек на време, но може да бидат присутни, во одреден степен, и 6 до 12 месеци по брахитерапијата. Симптомите може да се ублажат со пиење на поголеми количини на течности и избегнување на кафе и алкохол.

    Доколку симптомите со својата јачина го нарушуваат квалитетот на животот кај пациентот, може да се примени и терапија со лекови.

    По имплантацијата на радиоактивните зрнца може да се јават и послаби проблеми со дебелото црево и неговото празнење, но сериозни проблеми или уринарна инконтиненција се многу ретки.

    Кај некои мажи се јавува импотенција по имплантацијата, но таа е поретка при брахитерапијата, отколку при другите форми на третман на карциномот на простатата.

    При ејакулацијата може да се јават болка и непријатно чувство и тие се чести во тек на првите неколку седмици. Можни се и траги од крв во семената течност.

    Доцни несакани ефекти од брахитерапијата