Saw Palmetto (Serenoa repens) – во третманот на БПХ Печати

Се проценува дека 50-60% мажи на возраст помеѓу 40 и 60 години и повеќе од 90% мажи на возраст над 80 години патат од бенигно зголемена простата (БПХ).

Кај мажите постари од 50 години, бенигната простатична хиперплазија (БПХ) е најчесто заболување на простатата. Инциденцијата расте со возраста, почнувајќи со 8% во четвртата деценија од животот, за да достигне дури 90% во деветтата деценија. БПХ е најчеста причина за отежнатото празнење на мочниот меур. Може да биде асимптоматска, а нејзините клинички симптоми се манифестираат кај 30% - 40% од мажите.

Симптомите се јавуваат како последица на промените на мочниот канал предизвикани од зголеменото простатично ткиво. Мочниот канал се деформира, издолжува и усукува како врвца.

Најчести симптми на БПХ се многу често мочање

  • ноктурија (мочање ноќно време),
  • ургентно мочање (итна пореба за мочање),
  • инконтиненција,
  • тешко отпочнување на мочањето,
  • слаб млаз на мочката,
  • потреба за напнување при мочање,
  • испрекинато мочање,
  • чувство на нецелосно празнење на мочниот меур,
  • уринарна ретенција (неможност за мочање).

Saw Palmetto е позната и под името Serenoa repens. Тоа е вид на палма која расте во Јужна Европа, Северна Африка, Флорида и во другите топли и влажни предели.

Липофилниот екстракт на Serenoa repens обезбедува голема количина на концентрирани слободни масни киселини, кои се од витално значење за правилното функционирање на простатата. Плодовите од ова палмино дрво содржат бета–ситостерол, супстанца која допринесува за зачувување на здравјето на простатата, го јакне имунитетот и го намалува холестеролот.

Saw palmetto се користи во лекувањето на 50% случаи на БПХ во Италија, и на 90% случаи на БПХ во Германија.

Во клетките на простатата тестостеронот се претвара во активна форма, дихидротестостерон (DHT). За ова претварање на тестостеронот во дихидротестостерон неоходно е присуство на каталитички ензим 5-алфа-редуктаза. Дихидротестостерон (DHT) се врзува за андрогените рецептори во клетките на простатата и го стимулира нивниот раст и делба.. Кај БПХ, нивото на ензимот 5-алфа-редуктаза.се зголемува, и тоа доведува до зголемување на простатата. Зголемената простата врши притисок на мочниот канал и на мочниот меур и ствара непријатно чувство на итна потреба од мочање (ургентно мочање).

Според истражувањата објавени во Journal of the American Medical Association (JAMA), се заклучува дека Saw palmetto е ефикасен како и finasterid (Proscar) во терапијата на бенигната простатична хиперплазија (БПХ).

Кај некои мажи кои се на терапија со finasterid може да дојде до зголемување на градите (гинекомастија). Saw palmetto, во клиничките студии, не покажал ваков несакан ефект.

Миристолеинска киселина е неодамна идентификувана како цитотоксична компонента на Saw palmetto, со што таа станува и потенцијален додаток во терапијата на ракот на простатата.

Недостасуваат добри клинички споредбени студии за saw palmetto и другите лекови кои се користат во терапијата на БПХ, како што се: doksazosin (Cardura, Alphapres), prazosin (Minipress), terazosin (Kornam).

Механизам на делување

Saw palmetto е DHT инхибитор и функционира на ист начин како и finasterid (Proscar). Saw palmetto инхибира 5-AR и го спречува претварањето на тестостеронот во неговиот активен облик дихидротестостерон (DHT). Намалената количина на дихидротестостеронот (DHT) доведува до намалување на отокот на простатата.

Saw palmetto е ефикасен во третирањето на симптомите на БПХ, но не ја намалува многу големината на простатата.

Во двојно слепата клиничка студија, која го испитувала ефектот на Saw palmetto кај пациенти со БПХ, дозата од 160 mg. на стандардизиран екстракт од Serenoe дадена два пати дневно значително го намалила ноќното мочање, го подобрила млазот на мочката при мочањето, и другите симптоми поврзани со отежнатото мочање.

Уште една особина на БПХ е воспалението на простатата. Saw palmetto ја инхибира 5- липоксигеназата и со тоа ги намалува про-инфламаторните цитокини кои допринесуваат за настанувањето на симптомите на БПХ.

Најзначајни клинички индикации:

  • Бенигно зголемена простата (БПХ),
  • Простатит (воспаление на простата).

Несакани ефекти

Несаканите ефекти од терапијата со saw palmetto се ретки и обично се ограничени на системот за варење. Понекогаш се јавуваат вртоглавица и главоболка. Импотенцијата која е забележена кај пациентите кои земаат saw palmetto, е значително помала отколку кај пациентите кои се на терапија со finasteride (Proscar).

Дозирање и примена

Доза од 160mg стандардизиран екстракт „85 – 95 % масни киселини и стероли“ два пати дневно.

Клинички резултати се постигнуваат за 6 до 8 недели, иако се потребни 6 месеци за да се постигне ефикасен третман на БХП.

Комерцијалните производи се во форма на таблети, капсули, гел-капсули, тинктури и пудери.

Важно да се знае Saw palmetto не влијае на нивото на специфичниот туморскиот маркер ПСА, кој е маркер за ракот на простата.