Ширење на ларингеалниот карцином Печати

Ларингеалниот карцином се шири по три главни механизми:

  • директно ширење,
  • лимфогено ширење (преку лимфните садови),
  • хематогено ширење (преку крвните садови).

Директно ширење

Туморите на гркланот со својот прогресивен раст ги зафаќаат не само соседните структури во подрачјето од кое потекнуваат, туку може да ги зафатат и соседните подрачја на самиот гркланот, како и структурите вон неговите граници како што се: преепиглотичниот простор, базата на јазикот, меките ткива на вратот. Туморите кои го инфилтрираат глотичното подрачје предизвикуваат фиксација на гласните жици, со што ја оневозможуваат нивната подвижност.

Лимфогено ширење

Карциномите на супраглотичниот грклан, многу често метастазираат во лимфните јазли на вратот, бидејќи супраглотичното подрачје е богато снабдено со лимфни садови. Во време на поставување на дијагнозата, инциденцата на пациентите со клинички позитивни лимфни јазли на вратот се движи од 25-60%.

Подрачјето на глотисот има слабо развиена мрежа на лимфни садови, поради што постои ниска честота на регионално метастазирање. Така, кај мали тумори (Т1) инциденцата на метастази во вратните лимфни јазли изнесува 2%, а кај Т2 и Т3 туморите, инциденцата на метастази во лимфните јазли е 13%:

Супраглотичните карциноми се ретки и претставуваат 1-8% од сите карциноми на гркланот. Тие најчесто се откриваат како напреднати примарни тумори (Т3 или Т4). Регионалното метастазирање во лимфните јазли на вратот е присутно кај повеќе од 30% од пациентите.

Хематогено ширење

Далечните метастази кај примарните ларингеални карциноми може да се јават во медијастинумот (средишниот дел на градниот кош), во белите дробови, црниот дроб, коските и, поретко, во мозокот.