Причини и ризик фактори Печати

Основната причина за појава на рак на гркланот не е позната. Заболувањето е резултат на делување на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на рак на гркланот кај некои луѓе. Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од рак на гркланот.

Како фактори на ризик за ракот на гркланот се наведуваат:

Пушење

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на ларингеалниот карцином. Околу 97 % од ларингеалните карциноми се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на ларингеалниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од ларингеален карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај лицата кои никогаш не пушеле.

Алкохол

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на ларингеалниот карцином. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите. Посебно алкохолот е ризик фактор во развивањето на карциномите во супраглотичната регија на гркланот.

Канцерогени од животната средина и професионални канцерогени супстанции

Утврдено е дека бројот на заболени од ларингеален карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во дишните патишта.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати, смола, органски растворувачи, индустриска прашина и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и друго.

Радиотерапија во пределот на вратот

Лицата, кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на вратот, имаат поголем ризик за развој на ларингеален карцином, посебно ако се и пушачи.

Посебно ризични пациенти се оние кои се третирани со радиотерапија поради Хочкин тумори, а ризикот е поголем доколку се тие пациенти и пушачи.

Генетска предиспозиција (позитивна фамилијарна анамнеза)

Ова заболување почесто се јавува кај лица кои имале членови во своето семејство со ларингеален карцином (родители, брат или сестра).

Овој зголемен ризик во некои семејства може да биде поради една или повеќе причини. Така, тие може да имаат некои заеднички навики, како пушењето, потоа, да живеат во места со канцерогени супстанции.

Тие може да имаат наследен зголемен ризик во своите гени. Опишани се екстремно ретки случаи на ларингеален карцином кај деца кои немаат познати фактори на ризик. Ова може да биде последица на присутни генетски дефекти, кои детето ги наследило. Досега не е идентификуван ген за ларингеалниот карцином.

Сепак, ларингеалниот карцином не е малигном кој е склон да се јавува во одредени семејства.

Хроничен ларингит (воспаление на гркланот)

Хроничното воспаление на гркланот може да доведе до оштетување на неговата слузницата, а со тоа покасно и да дојде до развој на ларингеален карцином.

Екстензивно гласно говорење

Ларингеалниот карцином се јавува почесто кај лица кои гласно говорат. Често може да се сретне во некои професии како на пример кај наставници, кај оперски пеачи, кои повеќе ги напрегаат гласните жици.

Хуман папилома вируси

Постојат преку 100 типови на ХПВ вируси. Некои типови на ХПВ можат да доведат до промени на слузницата на гркланот и до развој на мали брадавичести израстоци т.е. папиломи. Папиломите може да се отстранат хируршки, но често повторно се јавуваат. ХПВ инфекцијата на гркланот може да го зголеми ризикот за појава на карцином.

Исхрана

Лошата исхрана е многу честа кај лицата кои екстензивно консумираат алкохол. Тоа може да биде причина и зошто алкохолот го зголемува ризикот за појава на ларингеален карцином. Причината може да биде недоволното внесување на витамини и минерали со исхраната. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук може да го намали ризикот за појава на ларингеален карцином. Ова се должи на фактот што во свежото овошје и зеленчук има многу витамини и минерали т.е. антиоксиданси како витамин А, Ц и Е, кои го зајакнуваат одбрамбениот механизам т.е. природниот имунитет кај човекот. Витамините и другите супстанции во свежото овошје и зеленчук можат да го спречат оштетувањето на слузницата, кое покасно може да доведе до развој на карцином.

Една истражувачка студија открила дека западниот начин на исхрана, т.е. внесување на големи количини на месо и месни производи, пржено и печено црвено месо, го зголемува ризикот за настанување на ларингеалниот карцином.

Друга студија покажала дека е зголемен ризикот за појава на ларингеален карцином кај лица кои консумираат преработено месо и месни производи три пати неделно или повеќе, но сепак, потребни се повеќе студии кои би го потврдиле тоа.

Сепак, како превенција за ларингеалниот карцином, се препорачува правилна исхрана, со внесување на повеќе овошје и зеленчук со исхраната, а помалку масти од животинско потекло (црвено месо).

Желудечен рефлукс

Желудечен рефлукс е враќање на стомачната киселина во хранопроводникот. Таа ја надразнува неговата слузница. Долготрајниот желудечен рефлукс може да ги оштети клетките на слузницата на хранопроводникот. Но, оваа иритација може да се прошири и на гркланот и може да го зголеми ризикот за развој на ларингеален карцином. Некои научници ја испитуваат поврзаноста на претходно реализираната операција на желудникот со ризикот за ларингеалне карцином. Постои теорија дека рефлуксот е многу почест по операција на желудникот и тој може да ја зголеми иритацијата на слузницата на гркланот.

Намален имунитет

Ларингеалниот карцином е почест кај лица кои имаат ослабен имунолошки систем. Некои конгенитални (вродени) заболувања, како и стекнатата имунодефициенција го зголемуваат ризикот за појава на ларингеален карцином.

Намалениот имунитет, како што е случај при сидата и при хроничната имуносупресивна терапија (после трансплантација на бубрег или после примање на некои цитостатици, на пример циклофосфамид), може да го зголеми ризикот од појава на ларингеален карцином..

Пол

Ларингеалниот карцином е почест за 4 до 5 пати кај мажите отколку кај жените. Ова се смета дека се должи на тоа што кај мажите почесто постојат два главни ризик фактори за настанување на овој малигном, а тоа се пушењето и екстензивното консумирање на алкохол. Но, во поледниве години, овие навики стануваат се почести и меѓу жените, па затоа и ризикот за настанување на ларингеалниот карцином кај жените е зголемен.

Возраст

Бидејќи ракот на гркланот се развива споро и обично во тек на повеќе години, тој не е така чест кај младите. Повеќе од половина од пациентите со ларингеален карцином се постари од 65 години за време на дијагностицирањето на болеста.

Честота на јавување на ракот на гркланот спрема возраста:

  • од 50 до 70 години 70%,
  • од 40 до 50 години 12%,
  • од 30 до 40 години 4%,
  • ретко се јавува на возраст пред 30 години.

Раса

Ларингеалниот карцином е околу 50% почест кај припадниците на црната отколку кај припадниците на белата раза.