Хондросарком (Chondrosarcoma) Печати

Хондросаркомот е малиген тумор кој настанува со малигна трансформација на р`скавичните клетки.

Овој тумор ретко се јавува пред третата декада од животот, а почесто се јавува во 50-70 годишна возраст. Подеднакво се јавува и во двата пола.

Хондросаркомот може да ја зафати било која коска, но најчесто е локализиран на коската на надлактицата (humerus) и на карличната коска.

Туморите се обично споро растечки и можат да достигнат големи размери пред да бидат дијагностицирани. Тоа е посебно случај кога хондросаркомот е локализиран на карличната коска.

Сепак, брзината на локалниот раст на туморот, како и брзината на неговото метастазирање зависат, пред се, од степенот на диференцираноста на хондросаркомот. Така, добро диференцираните хрондросаркоми (G1 и G2) посторо локално растат и имаат низок потенцијал за метастазирање.

Градус 3 хондросаркомите се поагресивни тумори, лошо диференцирани и имаат брз локален раст и висок потенцијал за развој на далечни метастази. Според тоа и нивната прогноза е полоша.

Хондросаркомите со градус 4 се анапластични, недиференцирани тумори, кои се и најагресивни и со најлоша прогноза.

Според тоа, прогнозата кај хондросаркомот, како и кај другите коскени саркоми, зависи, пред се, од големината на туморот, од стадиумот на болеста т.е. дали станува збор за локализиран или метастатски сарком, како и од градусот на туморот.