Начин на ширење на Јуинговиот сарком Печати

Јуинговиот сарком се шири по три главни механизми. Тоа се:

  • директно ширење,
  • ширење по крвен пат,
  • ширење по лимфен пат.

Директно ширење

Јуинговиот сарком се шири во коскената шуплина, долж коската во која настанал. Со својот локален раст, тој може покасно да ги зафати и околните меки ткива. Често Јуинговиот сарком е асоциран со масивно зафаќање на меките ткива.

Ширење по крвен пат

Јуинговиот сарком рано и често дава далечни метастази, кои се јавуваат како резултат на расејувањето на малигните клетки по крвен пат.

Најчесто дава белодробни и коскени метастази. Не е јасно дали метастазите во коските се вистински метастази или се работи за мултипна примарна локализација на туморот во коската.

Јуинговиот сарком поретко метастазира во другите органи, но со сè почестата примена на комбинираната терапија (хирургија, радиотерапија и хемотерапија) во третманот на Јуинговиот сарком, се продолжува и севкупното преживување кај пациентите, па денес се сè почести и метастазите во другите далечни ткива и органи, како што се кожата, мозокот и црниот дроб.

Приближно 20% од пациентите имаат присутни метастази при првата дијагноза, најчесто во белите дробови и/или во коскената срцевина.

Неповолни прогностички фактори се:

  • метастатска болест,
  • карлична локализација,
  • туморски дијаметар поголем од 8-10 см,
  • пациенти постари од 15 години,
  • зголемена серумска лактат дехидрогеназа (LDH),
  • лош хистолошки одговор на предоперативната хемотерапија и радиотерапијата.

Кога има само белодробни метастази, пациентите имаат подобра прогноза, отколку скелетните метастази. Кај пациентите со белодробни метастази 5-годишното преживување изнесува 30%, наспроти 10% 5-годишното преживување кај пациентите со коскени метастази.

Ширење по лимфен пат

Остеосаркомот многу ретко метастазира по лимфен пат.