Симптоми и знаци на болеста Печати

Постојат два доминантни симптоми кај Јуинговиот сарком. Тоа се: болката и отокот на зафатената регија.

Болката обично се јавува прва т.е. му претходи на отокот со недели, па дури и месеци. Болката во почетокот е послаба и се јавува повремено. Во почетокот таа може да биде ублажена со аналетици, но сепак целосно не изчезнува. Со тек на време болката станува сé посилна и постојана. Карактеристично својство е интензивирањето на болката во текот на ноќта. Ова е посебно важен податок за поставување на рана дијагноза.

Секоја болка во пределот на коската, која долго трае и кога не поминува, туку напротив со тек на време сè повеќе се појачува и станува постојана, треба да биде доволна причина за да се отиде на лекарски преглед.

Отокот се јавува после неколку недели, па дури и месеци по појавата на болката. Отокот тешко веднаш се приметува поради присуство на меки ткива околу коската, како и присуство на поткожно масно ткиво. Тоа е посебно случај кога Јуинговиот сарком е локализиран на карлицата.

Присутниот оток е алармантен знак, поради кој повеќето пациенти се јавуваат на лекар.

Други симптоми кои може да се јават се: висока телесна температура, треска, губиток на апетит и намалување на телесната тежина, замор, парализа и/или инконтиненција (неможност да се конролира мочањето или цревното празнење), посебно доколку туморот е локализиран во `рбетот, симптоми поради компресија на нервите од страна на туморот (укоченост, трнење или парализа на регијата која ја инервира притиснатиот нерв).

Бидејќи Јуинговиот сарком многу брзо и рано метастазира во други оддалечени ткива и органи, можно е во клиничката слика да доминираат и други симптоми и знаци, зависно од тоа кој орган или ткиво е зафатено со метастазите.

Најчести се метастазите во белите дробови и во коските. При постоење на белодробни метастази може да се јави отежнато дишење, напади на гушење и болка во градниот кош. Коскените метастази се манифестираат со интензивна коскена болка.

Сепак, секој пациент може различно да ги доживува симптомите. Симптомите на Јуинговиот сарком може да бидат слични со симптомите кои се јавуваат при други состојби или заболувања. Затоа е потребно да се отиде на лекар и да се направи детален преглед и дополнителни испитувања, со цел да се открие причината за постоечките симптоми.