Терапија по стадиуми Печати

Локализирани тумори

Хемотерапија

Хемотерапијата, како дел од мултидисциплинарниот пристап, значително ги зголеми стапките на 5-годишното преживување кај пациентите со локализирани тумори, од 20% до 60%.

Иако повеќе протоколи вклучуваат воедно и предоперативна и постоперативна хемотерапија, таа не докажала дека има придонес во преживувањето, споредена само со постоперативната хемотерапија. Но, во секој случај, предоперативната терапија, во голем број случаи овозможува да се изведе попоштеден оперативен зафат т.е. овозможува зачувување на екстремитетот и неговата функција.

Евалуацијата на хистолошкиот одговор по 4-6 курса на предоперативна хемотерапија дава важни прогностички информации. Доколку со применетиот хемотераписки протокол не се постигне добар одговор, се продолжува со друг хемотераписки протокол. Но, менувањето на хемотерапискиот протокол, кај пациентите со слаб одговор, не докажало дека може да го подобри исходот.

Хемотерапијата е интензивна и базирана врз комбинации на doxorubicin и cisplantin. Многу центри додаваат ifosfamide и високи дози на methotrexate со leucovorin.

Хемотерапискиот третман трае од 7 до 12 месеци.

Рандомизираните студии сугерираат дека комбинацијата на cisplantin и doxorubicin може да даде скоро идентични резултати како и оние кои се постигнуваат со покомплексните полицитостатски режими (со повеќе цитостатици).

Примената на многу високи дози на цитостатици, што бара употреба и на фактор на раст, не покажала дека ги подобрува понатамошните резултати.

Хирургија

За локализирана болест, треба да се ресецира лузната од биопсијата и да се отстрани туморот "en bloc" т.е. во целост. Потоа се можни неколку хируршки опции за реконструкција: реконструкција со примена на протеза, со примена на коскен графт (автологен или алоген) и други.

Резултатите од примарната хемотерапија се ценат врз база на критериумите според Huvos, односно според процентот на некротизирани туморски клетки во оперативниот материјал:

  • I степен до 50%
  • II степен до 50-90%
  • III степен над 90%
  • IV степен 100%

Како добар одговор се смета III и IV степен, а како лош одговор I и II степен.

Одговорот на предоперативната терапија е еден од најважните поединечни прогностички фактори.

Метастазите, ако се поединечни, не значи дека ја намалуваат можноста за куративен третман.

Ампутација на екстремитет се прави само во случај кога не е можно да се направи екстирпација на туморот.

Радиотерапија

Радиотерапијата може да биде индицирана во случај на неоперабилен тумор.

Опциите за зрачење вклучуваат висока доза, меѓу 55 и 70 Gy, во зависност од локализацијата на туморот.

Радиотерапијата може да биде успешна во палијација на локална рекурентна болест.

Метастатска и рецидивантна болест

Метастатската болест треба да се лекува со комбинација на хемотерапија и метастазектомија (често е потребно да се повторуваат торакотомиите во повеќе наврати, бидејќи најчестите метастази се на белите дробови).

Опциите за втора линија на хемотерапија зависат од примарниот третман, но често се базирани врз високи дози за да се постигне 5-годишно преживување од 40%, и со комплетно хируршко чистење на сите метастази.