Симптоми и знаци кај остеосаркомот Печати

Постојат два доминантни симптоми кај остеосаркомот. Тоа се: болката и отокот на зафатената регија.

Болката обично се јавува прва т.е. му претходи на отокот со недели, па дури и месеци. Болката во почетокот е послаба и се јавува повремено. Во почетокот таа може да биде ублажена со аналетици, но сепак целосно не изчезнува. Со тек на време болката станува сé посилна и постојана. Карактеристично својство е интензивирањето на болката во текот на ноќта. Ова е посебно важен податок за поставување на рана дијагноза.

Секоја болка во пределот на коската, која долго трае и кога не поминува, туку напротив со тек на време сè повеќе се појачува и станува постојана, треба да биде доволна причина за да се отиде на лекарски преглед.

Отокот се јавува после неколку недели, па дури и месеци по појавата на болката. Отокот тешко веднаш се приметува поради присуство на меки ткива околу коската, како и присуство на поткожно масно ткиво.

Присутниот оток е алармантен знак, поради кој повеќето пациенти се јавуваат на лекар.

Малигниот остеосарком, за жал, се дијагностицира дури после неколку месеци од почетокот на првите симптоми. Причина за тоа е што ова е редок тумор, па не се помислува на него, но и поради тоа што тој се јавува во помлада возраст, кога се чести баналните повреди на коските и истегнувањата на мускулите при спортски активности.

Често се случува пациентите прво да се пратат на физикална терапија, која само ја влошува состојбата и ја одложува раната дијагноза.

Постојат остеосаркоми (иако се тие ретки) кои се многу агресивни. Тоа се агресивни тумори кои се пропратени во висока телесна температура, треска, општа слабост и малаксаност, губиток на телесна тежина и слабокрвност. Ова секогаш укажува на крајно лоша прогноза. Обично овие остеосаркоми се пропратени, веќе во време на дијагностицирањето, со бројни коскени и белодробни метастази.

Другите симптоми и знаци на болеста се поврзани со присутните метастази во далечните органи. Тие се знак за присуство на метастатска болест.

Најчести се белодробите метастази (во 80-95%). Метастазите во белите дробови обично се асимптоматски. Типична локализација на белодробните метастази е субплеврална (под белодробната обвивка-плевра). Доколку метастазата ја зафати и плеврата, тогаш доаѓа до развој на плеврален излив, што е лош прогностички знак.

Централно локализизираните метастази во белите дробови може да вршат притисок на некој од главите дишни патишта (бронхи), па да дадат слика во која доминираат: отежнато дишење, напади на гушење, болки во градите и хемоптизии (искашлување на крв).

Другите симптоми и знаци на болеста зависат од тоа кои органи или ткива се зафатени со метастази.