Дијагностички постапки кај остеосаркомот Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Симптомите зависат од локализацијата на примарниот сарком.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар, ако се посомнева за постоење на карцином, ќе назначи и други дополнителни испитувања со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Доколу остеосаркомот е локализиран на екстремитетот, ќе биде присутна голема туморска творба, која може да се напипа. Обично тоа е болен оток на допир.

За поставување на дијагнозата на остеосаркомот се користат повеќе дијагностички постапки како: нативна рендгенграфија, компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, сцинтиграфија на скелетот, како и други дополнителни дијагностички постапки. Сепак, дефинитивната хистопатолошка дијагноза се поставува со микроскопски преглед на материјалот земен со биопсија на туморот.

Рендгенграфија на зафатената регија

Рендгенска снимка на зафатената регија е првичната дијагностичка постапка, која може да покаже присуство на тумор.

Карактеристичен наод на рендгенската снимка е присутна продирачка остеолитична лезија ,која е без јасни ивици према околината. Кога туморот ќе пробие надвор од кортексот на коската, доаѓа до подигање на периостот и тогаш е можно формирање на т.н. Codman-ов триаголник. Ова е карактеристичен реднгенски наод за остеосаркомот.

Кај остеосаркомот може да се видат и други рендгенски наоди: наод на густа склероза на зафатената коска, наод на мали островца со иглести творби, понекогаш ортогонално т.е. под прав агол поставени во однос на надолжната оска на коската и дава каракеритичен рендгенски наод т.н. sun raуs speculation (слика на сончеви зраци).

Типични рендгенграфски знаци за периферните остеосаркоми, кои започнуваат од периостот на коската се: пробивни лезии во кортексот на коската и густа калцификација (таложење на калциум).

Комјутеризирана томографија на зафатената коска

По нативната рендгенграфија следи компјутеризираната томографија на зафатената коска. Со оваа дијагностичка метода се утврдува точната локализација на туморот и неговата големина, како и можните метастази (повеќе од еден тумор на иста коска).

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи.

КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ се користи за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови.

Магнетната резонанца денес се користи а да се одреди проширеноста на туморот во околните структури т.е. степенот на неговата инвазија во меките ткива.

Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Со КТ и МРИ на афектираната регија прецизно се проценува туморската инвазија. МРИ се користи почесто за проценка на туморите на екстремитетите и 'рбетниот столб, додека КТ се користи за абдоминалната и градна болест.

Артериографија и лимфангиографија

Ова се дијагностички процедури, при кои се вбризгува контраст во крвните или лимфните садови, после кој се прават рендгенски снимки и се гледа како контрастот минува низ артериите или лимфните садови. Оваа метода е основна за утврдување на васкуларната и лимфната инвазија на туморот, особено пред донесување на одлука за „спасување на екстремитетот“ или т.н. „limb salvage“ хирургија.

Рендгенграфијата на белите дробови, ехотомографски преглед на абдоменот и сцинтиграфски преглед на скелетот се дополнителни дијагностички процедури кои се потребни за дефинитивна проценка на стадиумот на болеста.

Рендгенграфија на бели дробови

Рендгенграфијата на белите дробови е потребна за откривање на евентуално присутните белодробни метастази, кои се најчести метастази кај остеосаркомот. Тие се јавуваат дури во 80 до 95% од пациентите со остеосарком. Доколку е потребно, покрај рендгенграфија на градниот кош, се прави и компјутеризирана томографија и магнетна резонанца на градниот кош.

Ехотомографски преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб.

Оваа метода се користи кај остеосаркомот за откривање на евентуално присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија и магнетна резонанца на граден кош и абдомен

Компјутеризираната томографија и магнетната резонанца, покрај што се користи за поставување на дијагнозата на примарниот остеосарком, тие се корисни и за одредување на далечните метастази (белодробните и абдоминалните), а со тоа се одредува и стадиумот на болеста, кој е многу важен за планирањето на третманот.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелет

Сцинтиграфијата на скелетот со радиоактивен технициум е дијагностичка метода која помага во откривањето на примарниот тумор, но и во откривање и на коскените метастази доколку се тие присутни.

Лабораториски испитувања

Покрај овие бројни радиолошки испитувања, кои се многу важни и незаменливи во одредувањето на стадиумот на болеста, како и во планирањето на третманот, потребно е да се направат и рутински лабораториски испитувања. Во рутински лабораториски испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација, хепатални ензими, алкална и кисела фосфатаза, уреа, креатин и електролити.

Околу половина од болните имаат покачени вредности на алкална фосфатаза и лактат дихидрогеназа во серумот.

Биопсија

Сепак, за поставување на дефинитивна хистопатолошка дијагноза потребно е да се направи биописија од сомнителната промена. Материјалот од биопсијата се испраќа кај патолог, кој ја поставува хистолошката дијагноза на остеосаркомот и го одредува степенот на диференцираноста на туморот (G).

Обично се прави тенкоиглена биопсија или „tru cut“ или „core“ биопсија, со која се обезбедува доволно ткиво за хистопатолошка дијагноза и одредување на градусот на саркомот.