Следење по третман Печати

Следење на пациентите со тироиден карцином

По завршувањето на третманот за карциномот на тироидната жлезда, потребно е редовно следење на пациентите. Следењето на пациентите, односно редовните рутински контроли се многу важни за рано откривање на локалните рецидиви на болеста, како и за откривање на далечните метастази. Нивното рано откривање овозможува рана и навремена примена на адекватна терапија.

Следењето на пациентите се врши на секои 3 месеци, во тек на првата година по завршувањето на терапијата, а потоа на секои 4-6 месеци, во тек на наредните 3 години. Потоа следењето е еднаш годишно.

При следењето се зема детална анамнеза и се прави физикален преглед по системи. Се прават и рутински лабораториски тестови. Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Од голема важност е и испитувањето на нивото на тироглобулинот и калцитонинот во крвта.

Испитувањето на тироглобулинот има важна улога во дијагнозата и пратењето на тироидниот карцином. Покаченото ниво на тироглобулинот укажува на присутен заостанат (резидуален), повторен( рекурентен) и метастатски карцином на штитната жлезда. Од друга страна, пак, нормалната вредност на тироглобулинот не е и сигурен доказ за непостоење на тироиден карцином.

За следење на медуларниот карцином се користи и испитување на нивото на калцитонин во крвта. Калцитонинот го продуцираат малигните клетки на штитната жлезда, поради што, неговото ниво во крвта е покачено. Постоперативно зголемено ниво на калцитонин може да укаже, со голема точност, на присутен резидуален (заостанат) рекурентен (повторен) и метастатски медуларен карцином.

Нормалните постоперативни вредности на калцитонин укажуваат за непостоење на болест.

Нивото на туморскиот маркер CEA e покачено кај локално напреднат или метастатски медуларен карцином. Општо, највисоки нивоа на CEA биле најдени кај пациенти со највисоко ниво на серумски калцитонин, па затоа, овие два маркера се клучни во поставување на дијагнозата и пратењето на болеста.

Испитувањето на штитната жезда со радиоактивен јод (Ј 131) има важна улога во постоперативното следење на болеста.

Постои развиен протокол за постоперативното водење на пациентите со тироиден карцином. По хируршкиот третман или по примената на аблативни или тераписки дози на Ј 131, сите пациенти со диференциран тироиден карцином се следат со скен со радиоактивен Ј 131. Дозата за ова сликовито претставување на штитната жлезда е 5 mCi J 131.

Кога наодот од овој тест е негативен, следењето се состои со правење на сцинтиграфија со радиоактивен талиум (Tl 201). Сцинтиграфијата со радиоактивен талиум (Tl 201) се изведува еднаш годишно. Испитувањето на туморските маркери се прави два пати во годината.

Радиоактивниот талиум може да биде од корист и за локализирање на метастазите, особено во лимфните јазли, посебно кај пациенти со покачени вредности на серумскиот тиреоглобулин и кај оние пациенти кои имале негативни скенови со радиоактивен јод.

Медуларниот тироиден карцином го акумулира радиоактивниот технициум (Tc 99). Затоа, радиоактивниот технициум (Tc 99) се користи за откривање на метастазите во регионалните лимфни јазли и далечните органи како што се црниот дроб и коските.

Други испитувања кои се прават во тек на следењето на болеста се: рендгенграфија на вратната регија и градниот кош, ехотомографски преглед на штитната жлезда и вратот, а доколку е потребно се прави и компјутеризирана томографија (КТ) на вратот и градниот кош и магнетна резонанца на вратната регија.