Хистопатолошка класификација Печати

Штитната жлезда може да биде седиште на 3 различни групи на малигни тумори:

  • тумори кои потекнуваат од тироидните клетки: папиларен, фоликуларен и анапластичен карцином,
  • медуларен карцином, кој настанува со малигна трансформација на парафоликуларните C-клетки,
  • примарен лимфом, најчесто од не-Хочкин тип и други многу ретки малигни тумори.

Папиларниот карцином е најчест хистопатолошки тип на карцином на штитната жлезда и учествува со 60% од сите тироидни карциноми. Потоа, по честота на јавување следи добро и слабо диференцираниот фоликуларен карцином, кој се јавува во 15-20%. Честа е и мешаната форма т.е. папило-фоликуларен карцином. Анапластичниот карцином е најагресивен тумор и се јавува во 10 % од сите тироидни карциноми.

Секоја хистопатолошка група има свое прогностичко значење.

Папиларниот карцином е најчесто мултифокален (повеќе фокуси во жлездата) кај повеќе од половина од пациентите, и се шири во вратните лимфни јазли, а многу подоцна може да даде и далечни метастази, кои се јавуваат со расејување на малигните клетки преку крвта (хематогени метастази).

Фоликуларниот карцином обични е унифокален (присутен еден фокус во жлездата) и поретко дава лимфогени метастази. Почесто се расејува по крвен пат и дава далечни метастази, најчесто во коските.

И двата хитолошки типа (папиларниот и фоликуларниот) растат доста бавно, можеби најбавно во однос на останатите малигноми кај човекот. Така, дури и белодробните метастази може да се присутни со години, без да дадат посебни клинички симптоми и знаци.

Медуларниот карцином се развива од парафоликуларните C – клетки, кои имаат способност да секретираат калцитонин, кој учествува во метаболизмот на калциум. Зголеменото количество на калцитонин во организмот доведува до пад на калциумот во крвта и до појава на хипокалциемија (намалено ниво на калциум во крвта). И овој хистопатолошки тип на карцином расте бавно, но метастазира доста рано во вратните лимфни јазли, а поретко даава далечни метастази и тоа најчесто во елите дробови и коските.

Недиференцираниот или анапластичен карцином на штитната жлезда е еден од најагресивните малигни тумори кај човекот. Тој се јавува кај околу 10% од вкупиот број на тироидни карциноми. Има многу брз раст и брзо се шири во околината, зафаќајќи ги околните структури и органи, а исто така, брзо се шири и по лимфен и хематоген пат т.е. рано дава метастази во регионалните лимфни јазли и во оддалечените ткива и органи. Тој има лоша прогноза.