Дијагностички постапки кај карцином на штитна жлезда Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенграфски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се посветува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Важен анамнестички податок е дали лицето било озрачено во пределот на вратот во детската возраст. Исто така, се обрнува внимание и на другите фактори на ризик, кои може да доведат до развој на карцином на штитната жлезда. Тоа се: позитивна фамилијарна историја т.е. постоење на тироиден карцином кај еден или повеќе членови од семејството, мултинодуларна гушавост, воспаление на жлездата (тироидит). Присуството на постојана дијареа, кај пациенти со палпабилен тумор на вратот, треба да го наведе лекарот да се посомнева за постоење на карцином на штитната жлезда.

По деталната анамнеза следи физикалниот преглед по системи. Детално се прегледува вратот. При физикалниот преглед може да се напипаат еден или повече чворчиња во пределот на штитната жлезда, како и зголемени лимфни јазли во пределот на вратот.

Секоја палпабилна тврдина треба детално да се испита.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатининот и електролитите. Од посебно значење за поставување на дијагноза на рак на штитната жлезда е испитувањето на нивото на калицитонин и тироглобулин во крвта. Доколку лекарот се сомнева на рак на штитната жлезда, тој ќе назначи и испитување на туморските маркери во крвта.

Испитување на нивото на калцитонин

За поставување на дијагноза на медуларниот карцином се користи и испитување на нивото на калцитонин во крвта. Калцитонинот го продуцираат малигните клетки на штитната жлезда, поради што, неговото ниво во крвта е покачено. Доколку е калцитонинот предоперативно покачен, тоа индицира C-клеточна хиперплазија или медуларен карцином, додека пак постоперативно зголемено ниво на калцитонин може да укаже, со голема точност, на присутен резидуален (заостанат) рекурентен (повторен) и метастатски медуларен карцином. Нормалните постоперативни вредности на калцитонин укажуваат за непостоење на болест.

Испитување на нивото на тироглобулин

Испитувањето на тироглобулинот има важна дијагностичка вредност. Покаченото ниво на тироглобулинот укажува на присутен заостанат (резидуален), повторен( рекурентен) и метастатски карцином на штитната жлезда. Од друга страна, пак, нормалната вредност на тироглобулинот не е и сигурен доказ за непостоење на тироиден карцином.

Туморски маркери

Нивото на туморскиот маркер CEA e покачено кај локално напреднат или метастатски медуларен карцином. Општо, највисоки нивоа на CEA биле најдени кај пациенти со највисоко ниво на серумски калцитонин, па затоа, овие два маркера се клучни во поставување на дијагнозата и пратењето на болеста.

Рендгенграфија на вратната регија и градниот кош

Рендгенграфијата на вратната регија и градниот кош е првична дијагностичка постапка кај карциномот на штитната жлезда. Најчеста рендгенграфска карактеристика поврзана со тироидните чворчиња е присуството на калцификати (таложење на калциум) во самата жлезда. Опшани се 4 типа на калцификати:

  • васкуларни (во крвните садови),
  • аморфни (големи калцификати со ирегуларни рабови),
  • калцификати како плоча, линиски,
  • псамоматозни (мултипни, мали и дискретни калцификати, кои сугерираат присуство на малигном).

Ехотомографски преглед на штитната жлезда и вратот

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на вратот ни дава преглед на сите органи и структури, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на примарниот тумор на штитната жлезда и одредување на неговата локализација и проширеност во околните структури. Исто така, со овој преглед се откриваат и зголемените, метастатски променети лимфни јазли во пределот на вратот.

Сцинтиграфски преглед со радиоактивен јод (Ј 131) или технициум (Тc 99)

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен јод или технициум, кој се аплицира во вена. По аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот јод или технициум се депонира во штитната жлезда, а туморот се прикажува како „ ладен“ јазол. Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Доколку со скенот со радиоактивен јод се открие присуство на тумор во штитната жлезда, истиот треба да се пунктира, за да се постави точна цитолошка дијагноза.

Дознај повеќе за сцинтиграфскиот преглед на штитната жлезда - тироиден скен

Тенкоиглена пункција и биопсија

Секој палпабилен јазол во пределот на штитната жлезда треба да се пунктира. Со помош на тенка игла се зема материјал од сомнителната тврдина и се испраќа на микроскопски преглед. Најдобро е пункцијата да се изведува под ехо. Доколку цитолошкиот наод е негативен, тврдината треба внимателно да се контролира и по потреба да се пунктира повторно. За сомнителните случаи потребна е и биопсија, при која се зема поголем дел од ткивото на штитната жлезда, кој потоа се испраќа на хистопатолошка анализа. Кај лошо диференцираните тумори (G3), хистолошката анализа може да биде тешка.

Пункција и биопсија може да се направи и на зголемените лимфни јазли на вратот.

Компјутеризирана томографија (КТ) на врат и граден кош

Компјутеризираната томографија е многу прецизна метода која овозможува утврдување на точната локализација на туморот, како и утврдување на неговата проширеност во соседните структури т.е. во горните медијастинални јазли, во длабоките вратни лимфни јазли, во лимфните јазли околу душникот. Компјутеризираната томографија на градниот кош помага и во откривањето на метастазите во белите дробови.

Доколку се работи за дете со тврдина во штитната жлезда, веројатноста дека се работи за малигна творба е многу голема (30%).

Магнетна резонанца (МРИ) на врат

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Со оваа дијагностичка метода, со голема прецизност се утврдува локалната проширеност на туморот, како и присутните метастази во регионалните лимфни јазли.

Испитување на штитната жезда со радиоактивен јод (Ј 131)

Постои развиен протокол за постоперативното водење на пациентите со тироиден карцином. По хируршкиот третман или по примената на аблативни или тераписки дози на Ј 131, сите пациенти со диференциран тироиден карцином се следат со скен со радиоактивен Ј 131. Дозата за ова сликовито претставување на штитната жлезда е 5 mCi J 131.

Кога наодот од овој тест е негативен, следењето се состои со правење на сцинтиграфија со радиоактивен талиум (Tl 201). Сцинтиграфијата со радиоактивен талиум (Tl 201) се изведува еднаш годишно. Испитувањето на туморските маркери се прави два пати во годината.

Радиоактивниот талиум може да биде од корист и за локализирање на метастазите, особено во лимфните јазли, посебно кај пациенти со покачени вредности на серумскиот тиреоглобулин и кај оние пациенти кои имале негативни скенови со радиоактивен јод.

Медуларниот тироиден карцином го акумулира радиоактивниот технициум (Tc 99). Затоа, радиоактивниот технициум (Tc 99) се користи за откривање на метастазите во регионалните лимфни јазли и далечните органи како што се црниот дроб и коските.